fbpx

„Китка“, селска идила и гозби под Љуботен ве очекуваат во Вратница

-

Авантуристите, планинарите, ловците, но и секој што љуби планински амбиент и вкусна органски произведена домашна храна и специјалитети од Долни Полог, ќе најдат одлично место за остварување на желбите во хостелот и ловечка куќа „Китка“ во живописното шарпланинско село Вратница, од каде погледот го плени моќниот врв Љуботен.

До селото се стигнува лесно – без разлика дали со автомобил или со велосипед – преку широкиот регионален пат што од Тетово води кон граничниот премин „Јажинце“. Алтернативен правец е локалниот пат, по кој почнувајќи од клучката „Желино“ на автопатот Скопје – Тетово, преку селата Сиричино, Шемшово и Жилче се стасува до Лешок, од каде се свртува десно и се продолжува по патот Тетово – Јажинце.

Селска кујна и специјалитети на чист воздух

Непосредно до овој пат, во средината на селото Вратница, е Хостел и Хантинг Лоџ „Китка“, објект на надморска височина од 750 метри, кој покрај чистиот шарпланински воздух во времето на енормно загадување на воздухот во градовите, ќе ве пречека и со грст специјалитети од дивеч, но и со печурки и други безмесни деликатеси, со тамошни органско произведени свежи зеленчуци и овошја и чаеви собрани од падините на Шар Планина, како и вкусни специјалитети подготвени од нив.

Хостелот за селски и авантуристички туризам нуди шест соби –  една еднокреветна, три двокреветни и две четворокреветни. Од последните две, едната, со претходна резервација, домаќините ќе ја претворат во ВИП соба со дрвен брачен кревет и сопствена бања со масажна када.

Во пакетот „Ноќевање“ е вклучен и појадок кој ја негува традицијата, со познатиот љуботенски природен чај.

Печено и колбаси од дивеч

Гостите ќе бидат послужени со свежи јајца, костени, мед што домаќините го вадат од своите сандаци, овошје и зеленчук произведени од локалните жители, но и нешто што е специфично за „Китка“ – месо од дива свиња, дивокоза, зајак и друго, приготвено на традиционален начин. Се разбира, ако имате стрв за такви специјалитети, тоа ќе мора да им го најавите на домаќините.

Домашните колбаси од дива свиња се уникатен производ на „Китка“ и може да се пробаат во секое време, без најава.

Во секое време ќе бидете послужени и со тетовско гравче подготвено во грне „По рецептот на баба“ и со компири израснати на локалните ниви. Тука се и сезонските салати, а сега, во зимскиот период, туршии направени од вредните домаќини.

Авантури за физички подготвените и локалитети за другите

Во близина на хостелот се наоѓат неколку прекрасни места, како Вратничко Езеро, кое е на еден километар јужно од „Китка“. На полпат е и манастирската црква „Свети Цар Константин и Елена“, изградена на темелите на стара црква од 12. век.

За тие што сакаат пешачење во планина, на еден час пеш од Вратница се наоѓа заедничка мала планинарска куќа од отворен тип, која е на половина од правецот од Ливадичко Езеро до границата со Косово. Вратница, инаку, е почетното место за сите што сакаат да го освојат врвот Љуботен.

Доколку не можете да пешачите долго, хостелот располага со две теренски возила со кои ќе ве одвезат до таму до каде што се може на четири тркала.

Хостелот и ловечка куќа „Китка“ ги нуди и сите услови за велосипедистите, а тоа досега го искористиле и голем број странци.

Ведрите домаќини велат дека во рамките на Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) се планираат и комплетни туристички пакети, како „Планински велосипедизам“, „Пчеларење“, и „Селски пакет“, односно собирање костени, правење ајвар, печење ракија и се друго што може да биде интересно за гостите од бетонските „џунгли“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...