Кирацовски ги повика прaтениците да се вклучат во дефинирање на нацрт-амандманите


       
Скопје, 22 октомври, 2018 - 15:05 (META) 

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацовски денеска на прес-конференција во Собранието ги повика сите пратеници во Собранието, особено оние кои не гласаа во првата фаза од уставните измени, активно да се вклучат во процесот на дефинирање на нацрт-амандманите.

Целта, како што рече тој, е заеднички да се дојде до национално до прифатливо решение кое ќе биде од национален интерес за Македонија и нејзините граѓани.

– Ајде заедно да ги поддржиме процесите за целосна имплементација на Договорот од Преспа и заеднички да дадеме поддршка на сите неопходни реформи, да дадеме поддршка на помирувањето и обединувањето. Приклучете се, историјата ќе не вреднува, обезбедуваме иднината за државата, идните генерации ќе бидат горди на сите нас. Сега е моментот со конкретни примери да допринесеме за суштинско помирување и обединување кое ќе тргне од овде, од Собранието – рече Кирацовски и додаде дека верува оти поддршката за уставните измени и Договорот од Преспа ќе расте и дека сите пратеници ќе се приклучат на процесот што обезбедува европска иднина.

– Антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по сопствен избор реши да остане изолирано. Но пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да ги надминат поразените политики на Мицкоски и да дадат шанса на процесите – рече Кирацовски.