Киднапирале 11-годишно девојче од Чичино Село и го терале да питачи


       
Скопје, 30 септември, 2017 - 13:45 (META) 

Девојче на возраст од 11 години било киднапирано во понеделникот од три лица, кои пет дена потоа го терале да питачи во Скопје, соопшти МВР. Случајот во полиција го пријавила 27-годишната мајка на девојчето дури откако девојчето било вратено во нивниот дом во Чичино Село вчера.

Како што соопшти СВР Скопје, девојчето во понеделникот на последната автобуска постојка во селото Сарај било пресретнато од три лица кои биле со возило. Девојчето се познавало со еден од нив. Киднаперите со сила го внеле девојчето во возилото и потоа го носеле на различни места во Скопје и го терале да питачи.

Вчера додека девојчето питачело пред трговскиот центар „Веро Џамбо“, во еден момент го здогледало татко си и се стрчало кон него, а еден од киднаперите што бил таму, избегал.

Полицијата информира дека во врска со случајот е приведен Ќ.К.(60), како и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.