fbpx

Керн: ЕУ мора да се подготви за последиците од акумулацијата на бегалците на Балканот

-

Земјите од балканската миграциска рута, од Грција до Германија, се согласуваат дека треба да се зајакнат контролите на надворешните граници на ЕУ, изјави денеска австрискиот канцелар, Кристијан Керн, по самитот во Виена.

Керн на самиот ги собра колегите од Германија, Словенија, Хрватска, Србија Унгарија, Романија, Бугарија, Македонија, Грција и од Албанија. На состанокот учествуваа и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и еврокомесарот за бегалци, Димитрис Аврамопулос.

– Разговаравме за можното ширење на мисијата на Фронтекс во регионот, откако 50.000 луѓе од средината на февруари успеаја да дојдат до Германија, иако балканската рута е затворена. Мораме да ја вратиме контролата над нашите надворешни граници, мораме да бидеме тие што ќе одлучат кој може да дојде во Европа, а не криумчарите на луѓе – рече Керн.

Тој истакна дека Австрија профитирала од затворањето на балканската рута, но оти ЕУ мора да се подготви „за последиците од акумулацијата на бегалци на Балканот“.

Австрискиот канцелар укажа и на три точки на кои е потребно да се посвети внимание во следниот период.

– Прво, мора да ја зајакнеме мисијата Фронтекс, потоа да се потрудиме договорот со Турција да опстане и трето да се бориме се причините за бегање од земјите од кои потекнуваат бегалците – рече Керн.

Австрискиот канцелар смета дека најголем проблем е неможноста бегалците од сигурни земји, како што е Пакистан, да се враќаат од Грција во Турција.

– Сите земји од ЕУ ја доживуваат Турција како сигурна земја и таму ги враќаме бегалците. Тоа не е случај со Грција и на тоа мораме да поработиме и да ѝ помогнеме на Грција – рече Керн.

Грција, како што соопшти за германскиот весник „Ди велт“ шефот на Фронтекс, Фабрис Легери, побарала организацијата да ѝ помогне при заштита и на копнените граници кон Албанија и кон Македонија.

Керн оцени дека договорот на ЕУ и на Турција функционира добро, но оти не треба само од него да се зависи, поради што предложи да се најдат слични решенија со африканските земји од кои доаѓаат мигранти, како што се Нигер, Египет, Мали и Сенегал.

Македонскиот премиер Емил Димитриев, кој, исто така, беше на самиот, рече дека јасно ставил до знаење дека очекува јасен и прецизен договор од земјите-членки на Европската Унија и оти договорот и политиките ќе ги примени и Македонија. Тој, исто така, го реафирмирал и сето тоа што досега го има направено Македонија, за што земјата добила и пофалби на самитот, но истакнал оти на земјата ѝ е повеќе од неопходна финансиска помош за справување со мигрантската криза.

– Република Македонија е едноставно дел од решението за оваа криза, бидејќи балканската рута минува низ нашата земја. Јас очекувам дека ЕУ ќе направи сè што може во поглед на превентивата, како и во поглед на комуникацијата со Турција и со другите земји што се потенцијални земји од каде доаѓаат мигранти, а да не дојде до истото. Но, ако се случи нов бран на мигрантска криза, ние соодветно ќе реагираме – рече Димитриев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...