fbpx

Кери на 4 декември во посета на Грција

-

Американскиот државен секретар Џон Кери идната недела доаѓа во Атина на средби со грчкиот државен врв. Клучна тема ќе бидат билатералните и регионалните прашања, како и состојбата со бегалската криза. Дали спорот за името и македонско-грчките односи ќе бидат спакувани во торбата на Кери, останува да се види.

Кери пристигнува во Атина на 4 декември, по неговата посета на Србија и на Косово, Кипар, Франција и на Белгија.

Според информациите од американскиот Стејт департмент, Кери со грчката влада ќе разговара за билатерални и за регионални теми, вклучувајќи ги и прашањата со имигрантите, бегалската криза и напредокот при имплементирањето на економските реформи во Грција договорени со европските кредитори.

Грчките медиуми пред околу еден месец најавуваа дека посетата на Кери ќе содржи и дел поврзан со македонско-грчкиот спор, односно нов американски притисок за поголема посветеност во преговорите и за решавање на проблемот. Овие шпекулации се интензивираа поради именувањето на Македонија со уставното име на состанокот за справување со тероризмот на Исламската држава во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации, организиран од САД. Грција овој чекор го прочита како нов обид за американски притисок врз грчката страна за омекнување на црвените линии. Беше споменато дека оваа агенда ја турка и заменичката на државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, која пред неполн месец се сретна со грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас и премиерот Алексис Ципрас.

Оцените во Грција беа дека меѓународната јавност сака да се искористи моментот на техничка влада во Македонија за да се активираат преговорите и да се направи чекор напред во наоѓање на решение за името.

Грчката страна во целата ситуација се држи до своите црвени линии, иако е активно посветена и на новата македонско-грчка соработка преку мерките за градење доверба, кои смета дека се нејзина иницијатива што може да создаде поголемо разбирање кај двете страни и со тоа да ги приближи кон решение.  За потсетување, премиерот Ципрас минатата недела побара од претседателот Прокопис Павлопулос да реагира и да побара единствен став на сите партии за клучните национални прашања, меѓу кои и прашањето за името. Како што обелодени неонацистичката Златна зора, пак, Коѕиас летово до сите партии доставил барање да ги истакнат своите позиции околу спорот за името и да понудат свои идеи за можно решавање на проблемот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...