fbpx

Кери и Коѕиас разговарале за грчко-македонските односи

-

Спорот за името и идејата за мерки за градење доверба биле дел од разговорите на американскиот државен секретар, Џон Кери, со грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас. Како што посочи Коѕиас по синоќешната средба во Вашингтон, со Кери разговарале за новите иницијативи на грчката страна за националните прашања, односно грчко-турските врски и односите меѓу Македонија и Грција. Коѕиас не даде подетални објаснувања како американската страна се произнела за новите моменти во македонско-грчките односи ниту, пак, дали имало некаков нов притисок од американска страна за побрзо решавање на спорот.

На агендата се најдоа и кипарското прашање и детална дискусија за грчката економија, грчко-руските односи и посетата на Коѕиас и на премиерот Алексис Ципрас на Москва. Грчката економија, финансиската криза и обврските кон меѓународните кредитори биле главна тема на разговор меѓу двајцата шефови на дипломатијата. Кери и Коѕиас разговарале за можностите САД финансиски да ѝ помогнат на државата и со што би можеле да помогнат и да ја поддржат Грција за да се зголеми довербата во грчката економија и да се зголеми бројот на странски инвестиции во Грција.

Една од главните теми на разговор која ненадејно се најде во фокусот, беше начинот на кој Грција се справува со затворените терористи, по најавата за нов грчки закон со кој ќе им се дозволува на затворениците во лоши здравствени услови да бидат префрлени во строг домашен притвор. Ова особено ги разлути САД поради случајот со Савас Ксирос, член на терористичката организација 17 Ноември, одговорен за напади и за убиство на неколкумина американски дипломати во Атина, кој со овој закон би можел да се најде од затвор во домашен притвор. САД строго реагираа преку соопштение на Стејт департментот, повик на Кери до Ципрас и со јавно соопштените на американскиот амбасадор во Атина до грчките новинари.

Самиот Кери одбра да се фокусира на оваа тема во изјавите пред камерите пред средбата со Коѕиас во Вашингтон, истакнувајќи дека САД се сериозно загрижени дека затворените терористи може да се најдат на слобода и изразувајќи надеж дека САД и Грција ќе може да најдат заеднички јазик за ова прашање за да ги зачуваат добрите грчко-американски врски. Кери беше остар и за затоплените грчко-руски односи, посочувајќи дека се надева дека двете држави ќе останат на иста фреквенција за поддршката за Украина и за заедничка соработка за прашања како енергија и енергетско снабдување на регионот.

Во обид да ја тргне новата сенка над грчко-американските односи поради новиот грчки закон за затвореници, Коѕиас го разуверувал Кери дека Ксирос ќе се најде на слобода, објаснувајќи дека новиот закон нема да значи дека затворениците ќе се ослободат, туку ќе се држат затворени во други построги, иако домашни услови.
Грчките медиуми целиот фокус од средбата Коѕиас – Кери го ставија токму на американското незадоволство поради случајот со Ксирос. Оцените и анализите во медиумите веќе покажуваат загриженост дека овој закон може да ги помати и влоши грчко-американските врски и може многу скапо да ја чини Грција. Весникот „Катимерини“ прогнозира дека ваквите изјави од американска страна за ова прашање, по грчките изјави за Русија и за Сирија, може да значат дека САД го губат трпението и дека Грција би можела да ја изгуби и американската поддршка, што би било огромен удар и за државата и за владата во овие моменти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...