Кејт Брнс номинирана за нова амбасадорка на САД во Македонија


       
Вашингтон, 8 ноември, 2018 - 17:04 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја предложи Кејт Мери Брнс (Kate Marie Byrnes) за нов амбасадор на САД во Македонија која треба да дојде на местото на сегашниот амбасадор Џес Бејли.

Според соопштението од Белата куќа, Кејт Мери Брнс е амбасадорка од кариера и доаѓа од Атина каде што ја вршела функцијата заменик амбасадор на САД во Грција од септември 2017 година.

Претходно таа била заменик-шеф на мисија и заменик- постојан претставник на Мисијата на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена, Австрија.

За време на нејзината кариера, таа била советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид, била виш цивилен претставник на Одделот за државни функции во оперативната група Бастон/Бронко во Авганистан.

Работела како советник за јавни работи во Мисијата на САД во НАТО во Брисел, Белгија, од 2007-2010 година. Таа исто така ги претставувала интересите на САД во Шпанија, Боливија, Унгарија и Турција.

Во мај минатата година, како претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ, Брнс рече дека САД го повикуваат надлежните во Македонија да преземат чекори за да ја осигурат безбедноста на сите членови на парламентот, да ги истражат нападите во Собранието од 27 април темелно и да ги повикаат на одговорност тие што ги извршиле, ги организирале и ги нарачале насилствата.

– САД силно ги осудуваат насилните напади на членови на македонскиот парламент, кои следеа по изборот на Талат Џафери за спикер на Собранието. САД ќе соработуваат со новиот спикер и со парламентот за поддршка на демократијата и за да ѝ помогнат на Македонија да се движи по европскиот пат. За насилството нема место во демократските процеси. Ги изразуваме нашите најдлабоки симпатии кон членовите на парламентот и кон другите повредени во нападите и на нивните семејства. Како стратешки партнер и пријател на Македонија, со целосна почит на нејзиниот суверенитет и унитарноста, САД ги повикуваат сите партии да го концентрираат интересот на Македонија и на нејзините граѓани, пред сè друго, да работат заедно конструктивно и целосно да ги имплементираат сите нивни заложби што произлегуваат од Договорот од Пржино. Ги повикуваме сите партии да ги решат разликите мирно и да ги почитуваат законите во Македонија и демократските процеси – рече Брнс во нејзиното обраќање.

Претходно, во март истата година, Брнс изјави дека САД се разочарани од одлуката на Иванов да го додели мандатот за формирање влада на парламентарното мнозинство.

– САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство. Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација – рече Брнс.

Амбасадорите ги номинира претседателот, а ги потврдува Сенатот на САД.