fbpx

Ќе страдаат најзагрозените: Протест против законот за хонорари

-

„Нема да ви плаќаме“, „Не за дражавен рекет“,  „Социјална правда“, „Нема да ви помине“, „Заедно сме посилни“, „Ќе победиме“ со  овие извици, протестантите денеска ѝ порачаа на Владата дека не се согласуваат со донесувањето на новиот закон за задолжително социјално осигурување. Протестантите се собраа во паркот Жена-борец точно напладне, а оттука се упатија кон Министерството за труд и социјална политика и кон Владата.

Меѓу присутните имаше новинари, преведувачи, актери, филмски и музички работници, вработени во невладиниот сектор, кои освен преку скандирање, на владата ѝ испратија пораки и преку паролите „Голема уста сака лапачка“, „Рани влада да те лае“ „Даночниот рај се претвори во пекол“, „Грабеж“, „Сите сте мафија“, „Колку панорамски тркала се нашите 35%“, „Твојот данок – нивна иднина“, „Коле Неделковски – До кога ли вака шепот без  екот? Па доста сме браќа робја на векот“, „Намалете ги хонорарите на функционерите“, „Хоноррците не се богаташи“, „Што знае дете колку е 35%“ , „Продавам бубрег за да платам придонеси“ и многу други.

На протестот пред  Владата се обрати Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници. Чаусидис кажа дека овој закон сериозно ги засега и новинарите.

– Ние новинарите сме хонорарци во најголем број затоа што така нè држат на кусо синџирче, лесно нè отпуштаат и нè претвораат во пропагандисти – рече Чаусидис пред Владата.

Дејан Лутовски од левичарското движење „Ленка“ кажа дека погрешно е тврдењето на Владата дека со оваа социјална мерка ќе се згрижат оние кои се најзагрозени и најранливи категории.

– Оваа мерка ќе ги повреди најзагрозените работници – рече Лутовски.

Според законските измени, од 1 јануари 2015 година, треба да се плаќа 35 отсто од хонорарот за придонеси и за даноци наместо сегашните 10 отсто. Овие 35 отсто за здравствено, пензиско и за персонален данок ќе ги плаќаат оние кои земаат хонорар од договор на дело или авторски договор над изностот на минималната плата од 9.590 денари. Наплатата на придонеси од договори на дело и на авторски договори не важи за професионалните спортисти, функционери, пратеници, советници и за други носители на јавни функции, вешти лица, стечајни управници и други.

На крајот од протестот, граѓаните фрлаа со парички кон објектот на Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...