Ќе се формира совет за следење на стратегијата во правосудството со кој ќе управува Заев


       
Скопје, 9 јануари, 2018 - 20:13 (META) 

Владата на 48. Седница донела одлука да го усвои предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите и го доставила до Собранието на понатамошно усвојување, информираше денеска владината прес-служба.

Со измените, законот ќе се усогласи со меѓународните стандарди пропишани во оваа област и ќе се обезбеди поголема заштита на укажувачите.

Помеѓу другите точки, премиерот Зоран Заев најавил дека до крајот на јануари ќе се формира ново тело „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за период 2017 – 2022“ со кое ќе претседава лично тој.

„Заев, на 48 седница јавно им се заблагодари за завршената успешна работа на членовите на Советот за реформи во правосудството кој работи во рамките на Министерството за правда, и кои активно работеа на изработка на Стратегијата како обврска предвидена во деловите 3 и 6 од Планот „3-6-9“, стои во владиното соопштение.

Владата на седницата ја усвоила и информацијата за реализација на препораките на Групата на држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа.