Во Кавадарци денеска беа одбележани 25 години од смртта на Сашко Гешовски, кој загина во Сплит во 1991 година, на 20-годишна возраст, како војник. На неговото вечно почивалиште цвеќе положија претставници на АРМ, гарнизон Криволак, борците од НОБ и граѓани.
Сочувство до семејството изрази и градоначалникот Александар Панов.
– Респект и поклонение пред оваа жртва и симболика на распадот на Југославија. Секогаш ваквите настани и настаните што следуваа по загинувањето на Сашко, треба да бидат поука за да не се повторат. Уште пред некое време посакав Македонија и Кавадарци да не бидат во средината на интересите на поголемите сили. Истото тоа го препорачувам и сега, Кавадарци и Македонија да стојат што понастрана од глобалните интереси и Македонија да не биде предмет на интересирање за каква било алчност на некоја од големите сили. Се надевам дека и ние, како Македонци, ги извлековме историските поуки, како од распадот на Југославија, така и од претходниот период – рече Панов.