Каталонските власти нема да ги слушаат наредбите на Мадрид


       
Барселона, 23 октомври, 2017 - 11:39 (META) 

Властите на Каталонија нема да примаат наредби од Мадрид, туку ќе го слушаат само каталонскиот народ, соопшти портпаролот на каталонското министерство за надворешни работи, Раул Ромевa.

– Сите институции, вклучувајќи ја и полицијата, треба да ги следат инструкциите од демократски избраната власт на Каталонија – изјави Ромева за „Би-би-си“.

Тој додаде дека не може да верува во демократијата на Европска Унија, доколку Унијата дозволи Мадрид да воведе директна управа во Каталонија.

– Како ЕУ може да живее со таква ситуација ако дојде до тоа? Како можат да бидат кредибилни ако дозволат тоа да се случи? – рече Ромева, додавајќи дека народот и институциите на Каталонија нема да дозволат Шпанија да воведе директна управа во овој регион.

Портпаролката на владата на Шпанија, Сораја Саенз де Снтамарија, во меѓувреме рече дека Мадрид немал никакви контакти со регионалната влада на Каталонија од 21 октомври. Таа додаде дека владата на Шпанија би можела да избере еден претставник кој привремено ќе управува со Каталонија.