Караџовски: Не е наша работа како протекла фотографија од судењето за „Тврдина 2“


       
Скопје, 5 декември, 2016 - 13:13 (META) 

Судскиот совет не добил никакво извествување во врска со протекувањето на фотографија од подготвителното рочиште за судењето по обвинението на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Тврдина 2“, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, додавајќи дека тоа не во надлежност на Советот.

„Изнесувањето слики и јас синоќа го видов во медиумите. До нас не е стигната никаква информација и тоа не е во делот на нашето работење. Доколку стигне какво било известување, во согласност со нашите надлежности, би презеле соодветни дејства, меѓутоа тоа е предмет на работа на други органи. Не е наша работа дали и како излегле ти е снимки – рече Караџовски.

Прашан што би направил тој доколку е судија во предметот, Караџовски рече дека ваквото прашење е „премногу хипотетичко“.

– Ние ја следиме ситуацијата и сметаме дека во овој период се стабилизираат состојбите во Основен суд Скопје 1 и дека со изборот на в.д. претседател на судот, кој го избравме денеска (Татјана Михајлова, н.з.) сметаме дека дополнително ќе се стабилизираат состојбите – изјави Караџовски.

На новинарско прашање дали мисли дека довчерашниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, бил проблемот, Караџовски кусо одговори дека не мисли така.

Инаку, на социјалните мрежи деновиве протече фотографија од рочиштето за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Фотографијата се претпоставува дека е направена од аголот во судницата каде се наоѓа судката камера со која се снимаат рочиштата.

Судијката Лидија Петровска, која го води предметот, во понеделникот минатата недела потенцираше дека рочиштето ќе се снима, откако обвинетите побараа да не бидат снимани од телевизиските камери, а судот го прифати нивното барање.

Според Законот за кривична постапка (ЗКП), секое рочиште се снима тонски или аудиовизуелно, но снимките не смеат да се користат надвор од кривичната постапка.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Од Кривичниот суд, кој денеска доби в.д. претседател, засега нема официјална реакција во врска со протекувањето на фотографијата.

ОД СЈО, пак, во петокот соопштија дека сè уште не го добиле записникот од подготвителното рочиште за „Тврдина 2“, за да може да испратат барање за дозвола од УБК за декласификација на доказите во предметот, како што им наложи судијката Петровска.