fbpx

Караџаферис под истрага за корупциски скандал

-

Лидерот на ултра-десничарската ЛАОС, Јоргос Караџаферис, е под истрага за можна вмешаност во скандал со перење пари преку офшор-компанија. Како што објави грчкиот весник „То вима“, на сметката на офшор-компанијата „Каталина лтд“, која Караџаферис ја пријавил како негова во 1990-тите во пратеничкиот имотен образец, се најдени 1,6 милиони евра за кои постои сомневање дека се мито при купување воена опрема од времето на министерот за одбрана Акис Цохазопулос.

Се работи за случајот со купување четири воени хеликоптери „супер пума“ во 2000 година по цена од 64 милиони евра. Високата цена на хеликоптерите изнуди обвинителска истрага, која покажа дека од вкупната сума дури 5,5 милиони евра биле искористени за подмитување посредник за полесно потпишување на договорот за купопродажба. Од парите за мито, 1,6 милиони евра се смета дека легнале на сметката на офшор-компанијата на Караџаферис „Каталина лтд“.

Лидерот на ЛАОС оваа офшор-компанија ја пријавил како негова сопственост во задолжителниот образец за имотната состојба на грчките пратеници за 1993-1994 година. Последен пат компанијата се појавува во неговите документи во 2007 година, од кога ѝ се губи трагата.

Доколку истрагата потврди вмешаност на Караџаферис во скандалот со подмитување за купување на хеликоптерите, тој ќе се соочи со обвиненија за перење нелегални пари, поднесување неточна изјава за имотната состојба и за прекршување на законот од 2010 година со кој на пратениците им се забранува да имаат офшор-компанија. Казните за вмешаност во офшор-компании се затвор во трањење од две до пет години, парична казна од 10.000 до 500.000 евра, укинување на пратеничкиот статус и привилегии.

Ултрадесничарската ЛАОС на Караџаферис беше дел од преодната грчка коалициска влада во 2011 година, а остана во собранието сè до изборите во 2012 година, кога беше истисната од пратеничките клупи од страна на неонацистичката Златна зора. Караџаферис важи за еден од најдобро ситуираните грчки политичари. Според образецот за имотна сопственост, Караџаферис „тежи“ 6,6 милиони евра во готовина на странски сметки и поседува имот во вредност од 20 милиони евра.

Лидерот на ЛАОС е четвртиот грчки политичар кому му се заканува судење за корупција и за проневера. Минатата година со затворска казна за проневера на државни пари, перење пари и за корупција се соочија поранешниот министер за одбрана Цохазопулос, поранешниот градоначалник на Солун, Василис Папагеоргопулос, а експрефектот на Солун, Панајотис Псомијадис, беше обвинет за корупциски скандал и срамно тргнат од позицијата во префектурата на Северна Грција.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...