Велика Британија нема да стане „безбеден рај“ за мигрантите во Кале, изјави британскиот премиер, Дејвид Камерон, по обидите на стотици мигранти да го минат тунелот под Ла Манш и да стигнат до островот.
Премиерот Камерон ги предупредил илегалните мигранти дека ќе бидат остранети од Велика Британија. Од друга страна, дел од мигрантите, пак, за „Би-Би-Си“ изјавиле дека се цврсто решени да стигнат до Британија.
Повеќе од 3.500 мигранти неделава се обидуваат да дојдат до терминалите на тунелот што ги поврзува Франција и Велика Британија. Дел од нив, вчеравечер, со придружба на француската полиција, беа отстранети од терминалот.
Во вторникот, мигрант на возраст меѓу 25 и 30 години, најверојатно со потекло од Судан, загина откако бил прегазен од камион што излегувал од еден од траектите за транспорт на возила низ тунелот.
Според „Би-Би-Си“, месецов девет луѓе ги загубиле животите обидувајќи се да го минат каналот.