Каменос: Без разлика на референдумот, последниот збор ќе го има грчкиот народ


       
Солун, 12 септември, 2018 - 9:40 (META) 

Каков и да е исходот од референдумот, последниот збор за Договорот од Преспа ќе го има грчкиот народ или на референдум или на избори, рече коалициониот партнер во грчката влада Панос Каменос, уште еднаш повторувајќи ги неговите позиции, но и откривајќи ги следните негови чекори откако Македонија би ги завршила предвидените обврски.

– Мојот прв предлог до премиерот ќе биде да му се обратиме на грчкиот народ, да побараме референдум, од грчкиот народ да заземе став за оваа промена на одлуката на лидерите на политичките партии. Втората опција што ќе ја имаме е било која одлука и расправа во парламентот да се префрли по завршувањето на четиригодишниот мандат. И третата и последна ќе биде распишување избори – рече Каменос на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун и додаде дека немаат мандат од народот за да го отстапат на било кој начин терминот Македонија.

Лидерот на Независни Грци објасни дека било во интерес на соседите „да ги прифатат грчките позиции“, бидејќи Грција сака да помогнеме и економски, „но не може да се фалсификува историјата и да се употребува името Македонија“.

– Ниту македонска националност постои, ниту македонски јазик постои, говорите словенски – рече Каменос.