!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Каменоломот над Битола продолжува со ископ на гранит и покрај изречената забрана


       
Битола, 12 април, 2017 - 13:14 (META) 

Во каменоломот над Битола и понатаму се ископува гранит и покрај забраната за работа. Фирмата „Стентон градба“, која стопанисува со каменоломот, не успеа да добие интергирана дозвола Б, потребната за работа, но инспекцискиот надзор на Општина Битола на самото место констатирал дека и понатаму се експлоатира руда.

На 31 март инспекции почнале и постапка за изрекување глоба на фирмата концесионер. Ова го потврдува инспекторката за животна средина, Јулијана Ивановска, во известувањето испратено до советникот Горан Козаров.

– Изминативе три години жестоко реагиравме за активностите и за работата на каменоломот во местото Билбил-камен. Оваа наша заедничка битка конечно беше слушната и од надлежните служби во Општина Битола. Никој не смее да биде над законот! Повторно ги повикуваме и воедно ги охрабруваме вработените во локалната самоуправа да ги почитуваат законските одредби и да не подлегнуваат на притисоците за кои знаеме дека се сè позачестени – рече советникот на СДСМ, Козаров, во денешната изјава за медиумите.

Каменоломот веќе подолго  време е во фокусот на битолската јавност, особено поради сè поголемата загаденост на воздухот во градот. Битолчани се сомневаат дека покрај РЕК-Битола, и камнеоломот ќе придонесе во негативната аерослика за градот, особено зашто неговата локација е на 50 метри од регионалниот пат Битола – Ресен, само 250 метри од првите куќи во населбата Довлеџик,  а два километри од Саат-кулата во центарот на градот.