Нема крај на фрлањето камења по возовите во движење и на поставувањето предмети на пругите. За помалку од еден месец, два пати беа каменувани возови во Скопје.

Викендов беше повреден машиновозач при каменувањето на воз во населбата Скопје Север.

Пред три недели, возот Скопје – Кичево беше каменуван на пругата помеѓу Сарај и Кондово.

Од Македонски железници – Транспорт велат дека во првите 7 месеци од 2018 година регистрирале 8 случаи на успешни обиди за оштетување на возовите. Вандалите пронаоѓаат нови начини за да го уништат возниот парк, па така на пругите се поставуваат големи камења, бетонски цигли и елементи, пластични контејнери и слични предмети.

– Имало случаи на каменување во Скопје Север, Сарај, Радуша и Драчево, а поставување на предмети на колосек на потегот на пругата помеѓу Гевгелија и Смоквица и помеѓу Гостиражни и Слепче – велат за „Мета“ од МЖ – Транспорт.

Покрај тоа што се уништуваат возовите во движење, каменувањата на возовите и препреките на пругите ја загрозуваат безбедноста на железничкиот сообраќај. Од „МЖ – Транспорт“ за „Мета“ посочуваат дека ваквите инциденти предизвикуваат дополнителни трошоци во нивното работење, додека оштетениот возен парк се исклучува од сообраќај поради поправка. Обидите за оштетување на возниот парк се повторуваат низ годините, а при поретки инциденти се случува патници или вработени во „МЖ – Транспорт“ да бидат повредени.