Калифорнија ќе забрани продажба на не-електрични возила во 2040 година


       
Сан Франциско, 18 декември, 2018 - 13:30 (META) 

Секое ново возило што ќе се продава во Калифорнија од 2040 година ќе мора да биде електрично, односно воопшто да не испушта загадувачки гасови и честички, пропишува новиот предлог-закон што оваа седмица влезе во процедура во парламентот на сојузната американска држава.

Предвидената забрана е поднесена од пратеникот Фил Тинг од Сан Франциско и е усогласена со целта на гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, кој предвидува на патиштата во Калифорнија до 2025 година да има 1,5 милиони електрични возила.

– Сега сме на пресвртна точка. Треба да се справиме со штетните испуштања што предизвикуваат климатски промени. Возилата со погон на фосилни горива придонесуваат за 40 отсто од вкупниот број испуштени стакленички гасови – вели Тинг.

Во Калифорнија веќе се возат околу 300.000 електрични возила, но елиминирањето на возилата на фосилни горива – иако рокот е 22 години отсега – е многу амбициозна задача. Имено, во 2016 година во сојузната држава биле продадени 2,1 милиони возила, а само 1,9 отсто од нив се со нулта емисија на загадувачки гасови.