fbpx

Како Груевски и Јанакиески го планираа, го спроведоа и уживаа во уривањето на „Космос“

-

Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Во истражната постапка под името „ТНТ“, првоосомничена е градежната испекторка во Општина Гази Баба и уште три лица од комисијата за јавни набавки на Општината.

Сепак, како што појасни обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, на прес-конференцијата за отворањето на истражната постапка „ТНТ“, уривањето на „Космос“ било нарачано од поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во координација со градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, тројцата аболирани од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Целта на уривањето била да му се одмаздат на Цаноски „за неговата политичка одлука, зашто како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ“.

Наводите од случајот „ТНТ“, можеа да се слушнат и во дел од т.н. „бомби“ што минатата година ги објави СДСМ. Во „бомбата број 5“ и во „бомбата број 13“, како што тогаш објави опозцијата, Груевски и Јанакиески го договараат уривањето на „Космос“, со голем интерес ја следат динамиката на уривањето, а во еден од разговорите поранешниот премиер му раскажува на својот министер детали од неговата средба со Цаноски во својот кабинет и, смеејќи се, вели дека бизнисменот бил толку уплашен што „му тече низ панталони“.

Јанакиески: Ало.
Груевски: Ало?
Јанакиески: Да.
Груевски: Миле?
Јанакиески: Молам.
Груевски: Утре терај си со тоа што беше за во петок у план.
Јанакиески: Утре?
Груевски: Да.
Јанакиески: Тоа што ви пуштив порака така?
Груевски: Да, де, да. Има ли причина да одлагаме? Нема.
Јанакиески: Не, не, не, тоа е тоа.
Груевски: За тој ФЦ.
Јанакиески: Добро.
Груевски: За тој разговараме така, за ФЦ?
Јанакиески: Да, да, да. Ок.
Груевски: Имаш од него јавувања некои?
Јанакиески: Не, не, не. Мислам дека не знае. Или, пак, е опуштен. Не знам.
Груевски: Ти ќе имаш контрола он кога ќе го добие?
Јанакиески: Па, утре би го добил. Ќе му пуштиме специјален, препорачано, преку пошта ќе организирам, да му го даде одма на рака.
Груевски: Таму некаде кај три саат, четири, да му го дадат.
Јанакиески: Добро.
Груевски: Накај три, да не е ептен од сабајле, околу три нека му го дадат.
Јанакиески: Добро.
Груевски: Ајде.

Груевски: Миле, ми текна друга варијанта. Ние да го смениме таму ДУП-от?
Јанакиески: Ама, зборевме за тоа одамна, ОК.
Груевски: Епа, што чекаме, ако е ОК?
Јанакиески: Не, ама ме прашавте Вие за тоа пред едно пет-шест месеци, јас Ви кажав и Вие рековте ОК. И не искомунициравме после.
Груевски: Е зашо?
Јанакиески: Не знам.
Груевски: Да го напраиме еден убав парк, со фонтани со чуда. А? Ќе треба да му ја експроприраме земјата.
Јанакиески: Не. Не мора ништо да правиме, не може да гради. Доволно е, по мене, доволно е да му се намалат и габаритите нему.
Груевски: И?
Јанакиески: Нема да има исплатливост. Ќе стаиме пе (П) плус пет и…
Груевски: Како пет, Пе плус два.
Јанакиески: Добро сега, Пе плус, некоја големина, Пе плус еден нека биди и нема во јавност да речи дека, еве, не му даваме да гради, а нема да гради…
Груевски: А половина парк да го направиме, а половина Пе плус два?
Јанакиески: Вака. Јас сега одам за Босна, се враќам утревечер, ќе седнам, ќе Ви кажам што може да се направи, минимум што може да се направи.
Груевски: Чуј се со Тони, ја му кажав на Тони, вика кажете му на министерот Миле, ако он застане позади мене, ќе го туркам ова.
Јанакиески: Не е проблем, бе, готово.
Груевски: Ама треба брзо. Оти он ќе нагази у суд, ќе нагази сегде и ќе дојде во ситуација Управен инспекторат ќе му застане ептен у врат на овој. Треба некако да се убрза тоа, септември, октомври да го изгласаме, во Совет.
Јанакиески: Готово, готово, готово. Утревечер ќе седнам и ќе….
Груевски: Најдобро е сега ти да се чуеш со него, да му дадеш први задачи што да прави, а утре вечер да се видите.
Јанакиески: Важи, готово.
Груевски: Ајде.

Груевски: Миле, ова добро иде, така?
Јанакиески: Добро, претседателе, ама има сеа нова ситуација, не знам шо е, се појави судика Кацарска.
Груевски: Што?
Јанакиески: Кацарска, судија некоја се појави на градежници, уште некои документи да достави, ја испративме во Општината, се слушнав и со Билјана, страв ми е да не ни дадат судски налог за забрана за рушење.
Груевски: Ијјј.
Јанакиески: Сега ќе знам за 10 минути.
Груевски: Еј, еј, еј.
Јанакиески: Му се јави Билјана и на претседателот на суд да видиме што е работата.
Груевски: Мхм.
Јанакиески: Сеа со тоа се занимавам.
Груевски: Кај потплатил он, видиш.
Јанакиески: Судска ферија. Билјана вика досега не се случило да одлучат во два саати, ама сé е можно.
Груевски: Све е можно, да.
Груевски: А, донела нешто?
Јанакиески: Рекла, сакам документи да доставам и на градилиште, да влезела у градилиште и инспекториве имаат налог никого да не пуштаат, ја пратиле во Општината, ќе знам за едно 15 минути. Ќе Ви се јавам.
Груевски: А, да се чуеш ти со овој највисокиот таму?
Јанакиески: Ама, Основен суд Скопје 2 е. Сега Билјана зборува со претседателот на судот. Во моментов ѝ се јавив, пред две минути.
Груевски: Мхм, мхм.
Јанакиески: Инаку, ок оди. Имаше проблеми сабајле, се откажуваа мајстори и такви работи, ама да не Ве замарам со глупости.
Груевски: Како се откажуваат?
Јанакиески: Па, дојде една екипа и тој што го води машината вика, ја не сакам овој објект да го работам и си замина. Па друг најдовме, и така.
Груевски: А, зашо не сака?
Јанакиески: Од кај знам. Страв му било, бега, не знам шо, не знам како. Се уплашил, од кај знам.
Груевски: А, они се појавија таму?
Јанакиески: Кои?
Груевски: Па, тајфата на овој.
Јанакиески: Не, не. Во ФОН биле.
Груевски: Каде биле? Во ФОН?
Јанакиески: Во ФОН, во факултет.
Груевски: Аха.
Јанакиески: Денес доставено е и ова до извршителот за 5 милиони евра наплата на хипотека.
Груевски: Види, ако е тоа до Општината, Општината треба по пошта да му го прати на овој, како се вика, Сашо.
Јанакиески: Нема, тој е од судот, ама Општината извршува, ние само координираме. Не дај Боже да е тоа. Тоа судот забранува директно да Општината да го работи ова.
Груевски: А, досега има доволно направено рушење за да не може да продужи?
Јанакиески: Има четири-пет стуба скинато, оти место да одиме со машини, со сајли за мермер сечење, тие се многу ефикасни.
Груевски: На кој кат?
Јанакиески: Одозгора надолу.
Груевски: Аааа, значи ништо немаме. Одозгора надолу. Многу ситна штета е тоа.
Јанакиески: Ситна, ситна.
Груевски: А?
Јанакиески: Еве, сега влегоа во објектот, мислам сега, почнаа да работат, дур ги приклучија машините на струја, на вода.
Груевски: Сега?
Јанакиески: Не мислам сега, кај 10 саатот почнаа да работат овие со машиниве, ама се симнаа овие со сајливе, почнаа пред два саати.
Груевски: Мхм, мхм.
Јанакиески: Зошто само три часа требаше да дојдат двајца професори да направат мини-проект да видиме за три-четири дена ако можеше скроз да падни како оној Рудине што е објектот. Зошто не знаевме внатре како е, градба, многу има челик ставено, многу тешко се сечи.
Груевски: Мхм.
Јанакиески: Ај, да видиме ова што е, па ќе Ве барам.
Груевски: Ајде, ајде, се слушаме.

Груевски: Миле, како е?
Јанакиески: Добар.
Груевски: Како оди ова со „Космос бе, следиш таму?
Јанакиески: Да, да, да. Значи вака.
Груевски : Што се случува таму?
Јанакиески: Молам?
Груевски: Што се случува таму?
Јанакиески: Сега одиме на тој помалиот објект. Ако успееме денес да го срушиме малиот објект, значи баш онака како што зборевме со Вас, со вол, ама модерно ќе биде. Големи две машини обезбедивме од „Бетон“, тие се по 30-тонски, ги сечат со…
Груевски: Ха ха ха….Со модерен вол. Ха ха.
Јанакиески: Да. Буквално на тој систем, зошто да не праиме тендери, глупости. Значи, се сечат столбовите и кога ќе бидат исечени, само со сајли, двата големи што се, тие се „катерпилари“, ќе го истргаат столбот и треба зградата да падне.
Груевски: Мхм.
Јанакиески: И така ќе одиме, вертикала по вертикала. Денес околу, зависи кога ќе се заврши со сечењето, пет и пол, шест, седум. Ако успееме така, ќе одиме со сите така ламели. Не знам, зависи од сечењето. За седум-осум дена да завршиме.
Груевски: До тука… исто и од другата така?
Јанакиески: Да де, да. Тоа е тоа. Видете, знаете шо е проблемот таму.
Груевски: Модерен вол.
Јанакиески: Првите два спрата се платни, платна значи, не се столбови, туку е целосно бетонско.
Груевски: Аха.
Јанакиески: И тоа ни прави поголем проблем. Ги зедовме овие најјаките камиони, ако има уште некој камион, деветка ги викаат тие, појаки малку, ама таков еден-два биле. Само да пробаме со овие, ако не, од утре ќе ги бараме и нив.
Груевски: Аха.
Јанакиески: Овие се од „Бетон“. И „Гранит“ имале исто такво, некој Албанец работел на Цементарница.
Груевски: Значи, до вечер за малата ќе се знае?
Јанакиески: Ќе се знае и за малата и генерално за цел објект.
Груевски: Сега дојдоа од американска амбасада, загрижени за спроведувањето на законот. Заменик амбасадорот, зошто вака, зошто така, тој беше ваш пратеник, па сега е со СДС, он го финансираше „А1“, тврди дека е заради тоа. После викам ја, па он јавно призна дека имал грешка. Па вика, да, јавно призна, ама вика дека не била голема грешката и дека ова сé му е заради „А1“ и дека мала била грешката, за 1 метар. Нели ти ми кажуваше дека била за цел спрат, под земја?
Јанакиески: Метар и пол е значи над кота замина, а плус има и дополнително стубови.
Груевски: Аха. Добро. Значи, до вечер малата?
Јанакиески: Значи, така е, така се, така очекуваме да биде.
Груевски: Мхм.
Јанакиески: Ќе Ви јавам ама одма. Чим ќе биде, ќе Ви јавам одма.

Груевски: Миле!
Јанакиески: Молам?
Груевски: Ова што ми пиша ти. Не мора да го довршуваме, штом е онеспособено, ние сме ја завршиле работата. Не ни треба визуелен аспект, како што викаш, во овој случај.
Јанакиески: Пуштив слики. Сега имаше на „Алфа“ многу добра снимка, од кај него сликале.
Груевски: И шо има на „Алфа“?
Јанакиески: Снимката ја имаше убаво дадено, како експлозијата и изјава тој даваше.
Груевски: И тој шо вика? Цврста е зградата, не можат да ја срушат?
Јанакиески: Не, викаше дека, ајде срушете ја побрзо, јас пак ќе ја градам.
Груевски: Аха. Јас мислам да не, ако е онеспособена како шо кажуваш, да не продужуваме, нека си ја доруши он.
Јанакиески: Скроз, значи во воздух летаа, ја не знам како се држи.
Груевски: Аха.
Јанакиески: Најверојатно во средината, сега зборев со овој професорот. Има, многу ме изнервира денеска, ми се крена притисокот. Лифт има и полн е со бетон лифтот и вика тоа ја држи, и второ вика, оти правена е самата зграда за 16 спрата, вика многу бетон има турено во првите три спрата, а само 5 се изградени и му било страв да стават повеќе динамит, вика, можеше да настане компресија и да уништиме куќи. Тогаш ќе направевме контраефект.
Груевски: Така.
Јанакиески: Викам, ок сеа.
Груевски: Ја мислам да застанеме тука. Нека си стои зградата. Така?
Јанакиески: Добро.
Груевски: Он ако стварно има план да ја гради, сам ќе си ја доруши, така?

Груевски: Миле?
Јанакиески: Молам.
Груевски: Што правиш?
Јанакиески: Комисија водам уште.
Груевски: Кај си ти, у кој дел на зградата?
Јанакиески: Долу, Влада, баш Влада кај што има.
Груевски: Ааа долу, а? Беше овој сега.
Јанакиески: Добро.
Груевски: Бааѓи исплашен. Бааѓи. Значи не сум го видел ваков досега, никад.
Јанакиески: Аха, овој…добро.
Груевски: Фијат.
Јанакиески: Да, ми текна, да.
Груевски: Го оставив, се испука. Сè… разни документи ми извади дека се у право, да не знаеш, вика, зошто вака. Еве пред месец дена ти си потпишал нешто, па некоја поправка требало, па сега за поправката чекаме месец дена. Не знам викам, не сум во тек, целосно, ќе провериме сигруно – викам – има нешто. Ама нема, ја прашав таму вработените, ова-она. И од прилика од околу, од околу му кажав културно што се забелешките за него. Дека го нема жив таму да се појави, и викам знаеш, другото сега да не ти зборам, што овака се збори. Ама, викам тоа не значи дека човеков ради тоа не ти дал, него сигурно има некоја техничка…проблем некој, викам… И почна да се правда за тие две работи. И на крај му реков, ај викам ќе поразговарам со Миле, да видам што се проблемите, па ќе ти јавам вечер. Мооолим те вечер да ми јавиш, утре ми е Рамазан, мирно да спијам вечер. Не можам више да спијам, хахахаха. Ми се виде стварно многу исплашен, дури жал ме фати у еден момент, да ти кажам.
Јанакиески: Заглавен е.
Груевски: А? Аууу, вака го неам видено никогаш до сега, а и ретко кој вака исплашен ми дошол. Молим те што сакаш да правам, тоа. Ако сакаш Велија да го довлечам еве, дај да ви организирам средба, ја стварно немам со него, ни бизнис, ни сакам да имам бизнис. Децава ни се сега заедно, утре може нема да бидат, нон-стоп се караат. Хахахаха. Молим те, хахахахаха.
Јанакиески: Барем да ни го смета како услуга.
Груевски: А?
Јанакиески: Да ни го смета како услуга.
Груевски: Ќе ни го смета како услуга, да, да, да. Е сега ти треба да смислиш причина зошто си го држел. Нешто…појма немам, не мора во детали да му кажувам, до вечер, ја му реков –вечер ќе ти се јавам.
Јанакиески: Не, одма ќе Ви кажам. Значи, демек, згрешиле службите, правеле анекс, јас сум го пуштил во Катастар, да го проверат до крај. И Катастар демек до утре ќе ми одговори.
Груевски: Мхм.
Јанакиески: Дека така сум Ви рекол.
Груевски: Згрешиле службите и си го пратил во Катастар?
Јанакиески: Види, да. Хаха. Значи, официјално нема ништо. А неофицијално…
Груевски: Не, не, ама добро. Си го пратил ти во Катастар, така?
Јанакиески: Неофицијално во Катастар да го проверат, зошто ми биле чудни онакво, и сум чекал од Катастар…
Груевски: Од Катастар си чекал, одговор. Добро.
Јанакиески: Неофицијално.
Груевски: Неофицијално, да, де, да. Неофицијално си го пратил, аха.
Јанакиески: Да.
Груевски: Добро, да, тоа е добар изговор, океј.
Јанакиески: Зошто ги згрешиле квадратурите, сум сакал да ги проверам квадратурите, и така натаму, и така натаму, и така.
Груевски: Он сакаше сега средба да прави со Велија. Ја му реков ќе размислам за тоа. Мислам дека сега Велија реда-ради сака да направи средба. И нејќам да ми рачуна дека заради Велија се завршила работата. Нека си го рачуна од нас, еве завршено.
Јанакиески: Услуга. Добро, добро излезе овака.
Груевски: Добро излезе. Значи, не да е посран, му тече и низ панталони.
Јанакиески: Добро е што знае дека, дека не смее да се зафркава.
Груевски: Не смее и не може како сирење да нè решета, знаеш. Ај овие кој ги е*е, ама ја ќе си најдам поединци, и на ваков или онаков начин ќе си ја завршам работата. Да види дека сме компактна целина.
Јанакиески: Така, да.
Груевски: И дека кога ќе ја нападне целината, поединците знаат да се повлечат два чекора назад и да му речат стоп. А ништо не му бараме.
Јанакиески: Да, де, да.
Груевски: Ништо не му бараме. Само за ова, за парламент ми се правдаше, молим те да не доаѓам, молим те не можам да издржам тоа. Хахаха.
Јанакиески: Хахаха.
Груевски: Молим те у бизнис сум, не знам главата кај ми е. Еве следните избори нема, еве ако сакаш следните избори да ти потпишам кај сакаш нема да се кандидирам, на друг ќе ја дадам партијата, на кој сакаш…хахахахахахаха…Дај ако треба да потпишам негде, ама мртов озбилен. Хахахахаха

Специјалното јавно обвинителство на денешната прес-конференција презентираше и пораки што меѓусебе си ги испраќале Јанакиески и Ф.И.(сега починат), сопственик на фирма, кој бил ангажиран да раководи со уривањето на „Космос“ и посредувал во незаконското договарање на фирмата која ќе го врши демолирањето на објектот со експлозив.

„Јас ќе го испочитувам договорот со тебе и за партијата. Миле ти што ќе сториш брат за мене. Јас сум во клиничка смрт овие 7 месеци. Вчера моите подизведувачи МЗТ „Пумпи“ и „Трансмет“ како хиени почнале на препумпната станица во Лисиче каде имам судски спор со „Липицанерот“. Кај МЗТ дадов аванс 7.150.000 денари за пумпите, а другарот од „Трансмет“ од таму однесе околу 5000 кубни метри песок и сега на готов објект за 27.000.000 денари ќе се гостат со Коце и со „Липицанерот“. Каков масакр мене ми се случува, брат, од кого? Од моите? Има господ, ќе суди на сите. Јас бев, сум и ќе останам ист, сега помогни ми ти со твојот авторитет, јас ќе ја завршам работата, ќе се гордееш утревечер, а јас со пелин во душата, блокирана сметка и со доверители на врат и со добиен очен инфаркт? Ако треба така за партијата и за Човекот, ОК, ама лични профити не гревота е. РЅ. Викни денес на едно кафе, имам до толку брат, за стари добри времиња“, се вели во пораката испратена од Ф.И. до Јанакиески, еден ден пред уривањето со експлозив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...