Ќахил: За да се уништи канцерогениот линдан треба многу пари, знаење и организација


       
Скопје, 27 декември, 2018 - 14:30 (META) 

Линданот е многу опасна супстанца која се наоѓа на неколку истражени и неистражени депонии во Скопје, вели во интервју за „Мета“, довчерашниот министер Аднан Ќахил, кој, додека го правевме интервјуто беше министер без ресор, а Собранието вчера го разреши на барање на премиерот Зоран Заев.

Денеска тој не сакаше да го коментира разрешувањето, ниту да предвиди како, каде и дали би бил ангажиран.

Ќахил е дел од работната група на владата за справување на проблемот со линданот и воедно е поранешен вработен во фабриката ОХИС од 1984 до 1987 година како главен инженер.

Тој е категоричен дека Владата има сериозна намера да се справи со овој проблем за кој вели дека е голем и бара многу средства, обучени луѓе и соодветна технологија. Неговите процени се дека чистењето би чинело помеѓу 100 и 200 милиони евра и би траело околу три години.

Како ќе се чисти линданот? Колку средства се потребни да се реши оваа жешка еколошка точка?

За решавање на проблемот треба добра организациона поставеност, знаење, пари и во тој контекст многу помага потпишувањето на Меморандум помеѓу Владата и министерството за надворешни работи на Норвешка кои покажаа заинтересираност да помогнат во решавањето на проблемот и од технички аспект и од финансиски. За ремидијација на земјиштето ни треба апаратура, ни треба технологија, пари и обучени луѓе. Процените според анализите кои што ги правевме се дека се потребни од 100 до 200 милиони евра за чистење на двете депонии. Ние не сме во можност да одвоиме толку пари само за оваа намена. Постојат повеќе можности како ќе се третира, дали со спалување, дали со хемиски третман или на друг начин. Треба да решиме дали машината ќе биде концентрирана во ОХИС или надвор од ОХИС а почвата ќе се носи таму. Или пак ќе ја пакуваме и ќе носиме во друга земја, но сето тоа зависи од финансиите кои ќе ги собереме. Јас предлагам да земеме поголема машина за термална десорпција, односно за уништување со топлина затоа што таа машина може понатака да ни користи и за други жаришта. Владата, во зависност од средствата може да купи машина но може и да изнајми. Но, не е само да се земе машина. Таа машина треба некој да ја управува. Ако видиме дека може да се изнајми машина со се работници можеби тоа ќе биде подобрата варијанта. Кога ќе почнеме со ремидијацијата на малата депонија, ќе биде полесно, ќе имаме и луѓе и капацитет, и ќе идеме во тој правец да ги расчистуваме сите работи без разлика каде се наоѓаат.

lindan10Кога ќе започне чистењето на депониите?

Веќе има околу 9,5 милиони долари фонд за чистење на малата депонија, дел од тие пари се добиени од Глобалниот еколошки фонд. Таа ќе почне да се чисти средината на следната година. Во меѓувреме, преку Меморандумот што го потпиша владата ќе се собираат средства за големата депонија и за останатите две можни депонии. Во зависност од финансиите, возможно е и двете депонии во ОХИС заедно да се чистат. Владата има сериозна намера да се справи со овој проблем. Макотрпно работиме. Ние нема да застанеме тука, кога ќе го решиме ова, ќе идеме напред и ќе решаваме и други жешки еколошки точки во Македонија.

Дали има заинтересираност за донации?

Има заинтересираност за донации, но треба да им презентираме документи и да имаме сериозност во настапот. Треба да им покажеме дека сме заинтересирани, но и дека разбираме и можеме да контролираме работите. Ако видат донаторите дека имаме добри програми, дека има луѓе кои разбираат и дека владата е заинтересирана спремни се дадат средства. Но сакаат да видат волја.

Ваши процени за колку време ќе се исчистат двете депонии во ОХИС?

Оптимално ова ќе трае две-три години. Ние ќе се обидеме и со пократок рок, бидејќи што подолго за работа тоа е полошо. Апаратурата ќе биде лоцирана во ОХИС каде што двете депонии се блиску една до друга. Но, ако треба да се чисти на четвртата депонија надвор од ОХИС – во Драчево – тоа е далеку. Треба да се осигури патот, не е едноставно. Тоа не е песок, па стави го и носи го. Не смееме тоа да го направиме. Мораме многу претпазливо да работиме. Ако дојде до тоа да се направи ремидијација на таа депонија, ако е линдан, треба да се направат многу големи подготовки – за заштита на околината, за транспорт, затоа што треба да се оди преку населено место. Треба да се внимава да не се направи поголема штета.

Која е најбезбедната варијанта за чистење на линданот?

Безбедноста зависи од нашиот пристап кон работата. Ако ги преземеме сите неопходни еколошки мерки, се е безбедно. Ако ние земеме да копаме и фрламе во камиони, а не сме преземале мерки како на пример ставање шатори да не може да испарува тоа е небезбедно. Ако земеме машина за спалување со неколку тони на час и ако таа машина биде монтирана и биде ракувана од страна на луѓе кои се обучени и има луѓе кои ќе ја контролираат постапката – тоа е безбедно. Се зафативме со многу сериозен и опасен проблем, но мораме да го направиме тоа.

Како настанало производството на линдан во ОХИС?

Линданот е инсектицид. Во минатото ОХИС, покрај тоа што произведуваше детергенти, произведуваше и други работи. Се произведувал од 1967 до 1977 година. Престанал да се произведува откако се добиле сознанија дека линданот покрај тоа што уништува инсекти, уништува и луѓе и е многу канцерогена супстанца. И одеднаш се става ембарго, забрана на извоз на вакви производи и никој не сака да ги прими, по што се донело одлука, тогаш тие така мислеле дека е безопасно, во кругот на фабриката да се копа, да се складира линданот и да се затвори со земја. Се направиле двете депонии – малата и големата – на кои се проценува дека има до 50.000 тони контаминирана почва.

Како бил складиран лидантот на депониите?

Јас колку што имам информации бил складиран во прашкаста форма во буриња. Велам буриња, но не сум бил присутен и не можам да тврдам со сигурност. Можело да биде во вреќи, но може било фрлано и само со лопати. Но и да било во буриња, толку години се поминати што без разлика и од што да биле направени бурињата, тогаш веројатно биле од метал, тој веќе е кородиран бидејќи линданот е агресивна супстанца. Тој испарува на повисоки температури, летно време најмногу, потоа навлегува доле во подземните води, а ветерот може да го разнесе насекаде во зависност од струите.

Како влијае линданот на човековото здравје?lindan slika

Линданот е органска супстанца, многу опасна, не случајно е забранета. Долготрајното изложување влијае на сите органи и сигурно ќе доведе до последици. Дефинитивно е канцерогена супстанца. Доброто е што ние сите не се исложуваме долготрајно на таа супстанца, но треба час поскоро да се реши. Органската хемиска индустрија е многу опасна, но ние имаме и денеска опасни работи. Железара испушта манган, имаме депонија со арсен, во РЕК Битола има милиони тони јагленова прашина која има четири пати поголема природна радиоактивност. Исто така никој не ги мери органските загадувачи а ги има многу.

Дали имате информации дали и какви здравствени проблеми имале вработените во ОХИС?

Јас бев вработен таму четири години, кога бев многу млад и сам го напуштив ОХИС. Работев во делот за базни хемикалии. Имаше вработени што се жалеа на здравствени проблеми, но кога човек е млад не размислува и не се секира. Во тој период луѓето и да имале последици, мислеле дека е од друго нешто, еколошката свест пред 30 години не беше многу голема. Но и тогаш имаше сознанија дека изложеноста на жива повеќе од пет години доведува до трајни оштетувања и јас затоа го напуштив ОХИС, таму се работеше со тони жива. Имавме заштитна опрема но и покрај тоа јас два пати се отрув со хлор. Проблемот е што ваква индустрија не требала да се гради во Скопје. Има низ Македонија запуштени места и требало таму да се гради. Но од друга страна кога се градела фабриката Скопје не било таму. Градот неконтролирано растеше, се правеа стратешки погрешни чекори.

Што презема Владата за можната депонија со линдан во излетничкото место Пеленица во Драчево?

Ќе преземеме најитни мерки, да се огради, да се покрие и да се третира со соодветна метода каде што не ќе може да имаат контакт луѓе, деца. Можеби имало проекција за оградување до крајот на годината во Министерството за животна средина, но моето скромно знаење во тој дел кажува дека тоа не се прави туку така. Кога се работи за вакви опасни материјали само да се стават огради не е доволна работа и не можеме да креваме паника меѓу луѓето кога и ние не сме 100 отсто сигурни дека тоа е така. Мора да сме сигурни, потоа да видиме дали тоа ќе биде оградување со покривање или ќе донесеме одлука да нема доближување до таму на 10 или 100 метри. За поздравување е одлуката на МОН да не се организираат екскурзии за деца на таа локација бидејќи ако веќе имаме знак прашалник подобро е да не се и добро направиле. Таа е добра превенција и мислам дека добра практика е во иднина МОН и школите да се консултираат со надлежни институции за можни други еколошки жаришта за да не се носат деца таму.