fbpx

Каде да (не) се бега: Екстрадиција имаме само со Италија, Србија, БИХ, Хрватска и Црна Гора

-

Македонија досега има склучено билатерални договори за екстрадиција на сопствени државјани со пет држави. Последниот ваков договор беше постигнат со Италија во јули минатата година, а информациите од Министерството за правда беа дека во тек се преговори за постигнување вакви договори и со други држави од регионот и од Европска Унија.

Инаку, ваквите билатерални договори, меѓу другото, оневозможуваат злоупотребата на двојно државјанство од страна на лица кои сториле кривично дело. Според договорите, не постои правна пречка македонски државјанин кој поседува и државјанство на некоја од овие пет држави да биде екстрадиран во земјава, доколку е осомничен, особено за организиран криминал и за корупција.

До пред шест години, Македонија не можеше да предаде сопствени државјани на друга држава, бидејќи тоа не го дозволуваше членот 4, став 2 од Уставот.

Измените на Уставот беа направени во 2011 година, а постапката ја спроведе Министерството за правда на чело со тогашниот министер Михајло Маневски. Образожението беше токму да ѝ се застане на патот на злоупотребата на двојното државјанство за избегнување на правдата. Тој беше иницијатор и за склучување на билатералните договори за екстрадиција со Србија, Хрватска и со Црна Гора.

Во постојната одредба од членот 4, став 2 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту да биде протеран или предаден на друга држава. Оваа одредба во делот ’или предаден на друга држава’ претставува пречка за склучување билатерални договори со кои ќе биде уредена можноста за предавање на државјанин на Република Македонија на друга држава заради водење кривична постапка за сторено кривично дело од областа на организираниот криминал и за предавање на државјанин на друга држава за сторено кривично дело во Република Македонија. Сè почести се појавите, ивршители на тешки кривични дела од областа на организираниот криминал да го избегнуваат кривичното гонење и извршувањето на кривично-правните санкции, злоупотребувајќи го начелото за забрана за предавање на сопствени државјани на други држави за да ги задржат приносите од казнените дела. Со тоа се доведуваат во прашање превентивната и репресивната функција на казненото право и меѓународната и регионална соработка за спречување на овој најтежок криминал и обврските на државата од меѓународните инструменти

(Михајло Маневски во дел од својот говор пред пратениците во Собранието за измените на Уставот, во кој со додавањето на амандманот 32 се овозможи екстрадицијата на сопствени државјани)

Сепак, во практика, билатералните договори не секогаш се покажаа како ефикасни. Таков е случајот со поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој благодарение на српското државјанство речиси две децении избегнува екстрадиција во Македонија, каде е осуден за тешки малверзации додека беше директор на Царината, во периодот од 1999 до 2002 година, за време на владата на Љубчо Георгиевски. Во март минатата година, Даравелски беше уапсен од српската полиција во Белград врз основа на потерницата од македонските власти. Оттаму беше соопштено дека е прифатено и барањето за негова екстрадиција, но по неколку часа дојде информација дека српското министерство за правда го повлекло решението за екстрадиција.

Основниот суд во Приштина на 29 октомври минатата година донел одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Благодарение на двојното државјанство, македонско и бугарско, долги години правдата ја одбегнуваат и стечајниот управник Владимир Тамбурковски, како и поранешниот министер за здравство, Владо Димов.

Последната екстрадиција во Македонија беше на новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, осомничен во случајот „Шпион“. Тој на 21 април минатата година, беше уапсен во Нови Сад и неколку часа подоцна беше екстрадиран во земјава. Божиновски беше уапсен и во ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница преку Интерпол, и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот апелациски суд.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...