!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кабинетот на Груевски потрошил 38 милиони евра за рекламни кампањи и за пропаганда


       
Скопје, 24 септември, 2017 - 11:40 (META) 

Кабинетот на поранешниот премиер, Никола Груевски, за периодот од 2008 до 2015 година потрошил 38 милиони евра од буџетот, за рекламни кампањи кои биле емитувани на телевизиите и во електронските медиуми, информираше денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Тој додаде дека во оваа сума не се пресметани трошоците за кампањи во 2006, 2007 и дел од 2016 година, бидејќи недостигале документи за овие години.

Парите, како што информираше Бошњаковски, биле потрошени за кампањите „Трето дете“, „Против абортус“, „Истражи ја Македонија“, „Ден на идеи“ и т.н.

– Овие 38 милиони евра биле потрошени само од кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски. Во оваа сума не влегуваат парите за кампањи што биле потрошени од министерствата. Речиси 15 милиони евра биле дадени на неколку маркетинг-агенции за продукција на кампањи. За истражување на јавното мислење биле потрошени 200.000 евра, но таа бројка не е конечна. За закуп на рекламен простор во електронските медиуми биле потрошени 23 милиони евра – рече Бошњаковски.

Тој додаде дека не постоеле критериуми за распределба на парите за закуп на рекламен простор.

– На пример, на 24 декември 2008 година, во еден ден биле префрлени 2.1250.000 евра на неколку национални телевизии. Ангажман на консултант за еден месец бил платен 30.000 евра. Нејасни се критериуми како се префрлени парите за закуп на рекламен простор. На прв поглед изгледало според рејтинг, но немало критериуми. Одредени национални телевизии добивале повеќе од другите – додаде тој.

Тој кажа дека регионалните и локалните медиуми добивале многу малку пари за реклами или речиси воопшто, но по промена на сопственичката структура добивале значително повисоки суми, па така некои од договорите што се склучувале биле во вредност од 15.000 евра.

Бошњаковски потсети дела новата македонска влада ја прекинала негативната појава да биде најголем маркетиншки огласувач во државата.

Тој додаде дека постои основа за Основното јавно обвинителство да се произнесе за овие трошења.

Минатата седмица портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, исто така на прес-конференција, објави дека претходната влада потрошила повеќе од 31 милион евра од буџетот на државата за рекламирање на бизнис-потенцијалите на земјава во странски медиуми.

 

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.