„Југохром“: Филтер-страницата би била готова за 8 месеци ако Владата ни дозволи да работиме


       
Тетово, 26 април, 2017 - 16:11 (META) 

Денеска почнаа градежните активности за бетонирање на темелите на системот за отпрашување на комбинатот „Југохром“, чија изградба претставува услов поставен од Владата за овој некогашен гигант да продолжи со работа.

Активностите почнаа во присуство на раководството и на синдикатот на „Југохром“. Оттаму истакнаа дека филтер-станицата со сигурност би ја изградиле во наредните осум месеци, доколку централната власт дозволи во овој период „Југохром“ да работи.

– Ако Владата дозволи „Југохром“ да работи во наредниот период, ние со остварениот профит од работењето би ја граделе интензивно филтер-станицата, која би била целосно завршена до октомври. Наредниот месец веќе очекуваме да се градат и челичните столбови. Во овој временски период би работеле со 50 отсто од производствениот капацитет на комбинатот и би се работело во период кога воздухот не е толку загаден, со што не би влијаеле на загадувањето на животната средина. Оттука упатуваме апел до Владата, да дозволи комбинатот да работи. Со работата на „Југохром“ би се решиле социјалните и економските проблеми. Вработените би се вратиле на работа, а парите од работењето на фабриката би се инвестирале во филтер-станицата – изјави Васко Скендеровски директор на „Југохром фероалојс“.

Поради неработењето на „Југохром“, 600 поранешни вработени во комбинатот се на улица. До 1 март тие се водеа како да се на принуден одмор, но сега се без никави примања.

– Ние, како синдикат, имавме две барање. Првото беше да се продолжи со изградба на филтер-станицата. Тоа барање од раководството на „Југохром“, како што гледате, денеска се исполнува. Второто барање беше упатено до Владата, да донесе одлука фабриката да работи додека се гради филтер-станицата. Но, на второто барање не наидовме на позитивен одговор. Сè уште очекуваме разбирање од Владата, да дозволи да работи фабриката, која е сериозна во намерата за изградба на филтер станицата – изјави Бајрам Амити, претседател на синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“, велат дека не успеале невреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.

Инаку, системот за отпрашување е наменет за речиси целосно прочистување на издувните гасови на фабриката, доколку би работела со 50 отсто од производствениот капацитет. Вкупната инвестиција за изградба на филтер-станицата изнесува 12 милиони евра.