ЈСП и Град Скопје ќе купуваат 30-тина нови автобуси на гас


       
Скопје, 3 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Од идната година по скопските улици ќе возат 30-ина нови автобуси на гас, соопштија на прес-конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.

За купување на автобусите, ЈСП ќе зема кредит, а тендерот ќе биде распишан наесен, додека до крајот на годината би требало да биде потпишан договорот со избраниот добавувач, појасни Шилегов.

– ЈСП Скопје донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1%, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Кон обезбедување на задолжувањето потребно е да се добие државна гаранција – рече скопскиот градоначалник.

Се планира две третини од новите автобуси да бидат зглобни, а една третина, односно десетина, единечни. Според Шилегов, целта е да се воведе модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.

– До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во Скопје. Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот – рече Шилегов.

Тој е уверен дека набавката на овие автобуси значително ќе го подобри функционирањето на ЈСП-Скопје и ќе ги намали трошоците на неговото работење, бидејќи 202 автобуси, што беа набавени пред 7 години, како што вели актуелниот скопски градоначалник, се со лош квалитет, често се расипуваат, а во случајот со кинеските автобуси, бидејќи нема овластен застапник, нема сервисна и техничка поддршка за нив.

Шилегов додаде дека во трансформацијата на јавниот превоз ќе бидат вклучени и приватните превозници, односно предвидени се субвенции за набавка на нови еколошки автобуси и за нивна адаптација на гас.