fbpx

Јосифовски: Случајот со преземањето на „Макпетрол“ сè уште е заглавен во КХВ

-

Случајот со компанијата „Макпетрол“ и обидот за преземање од страна на „Балкан петролеум“ е заглавен во Комисијата за хартии од вредност, информираше денеска претседателот на управниот одбор на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски, на прес-конференцијата по повод 70 години од постоењето на компанијата.

Според него, во нормална правна држава, понудата од оваа компанија веднаш би била отфрлена од надлежните институции.

– Станува збор за офшор-компанија чијшто основачки капитал е 1.000 евра и која е основана еден месец пред да ја достави понудата за преземање. Таа компанија нема ниту вработени, ниту луѓе кои го познаваат овој бизнис, ниту склучила некоја зделка. Нè зачудува односот на двете надлежни институции, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност (КХВ). Компанијата не обезбеди банкарска гаранција и не депонираше средства за откуп на акциите, а Комисијата за хартии од вреднoст не ја отфрли понудата и сè уште не донела решение за претходно правно решение доставено од Централниот депозитар за хартии од вредност по овој случај – изјави Јосифовски.

Тој додаде дека поради тоа што предметот не е затворен, „Макпетрол“ трпи штети и е блокиран во одреден дел од работата. Јосифовски најави дека ќе побара правна одговорност од двете институции и членови на управни одбори, особено од КХВ.

На забелешката на новинарите дека одредени имиња од врвот на претходната власт се вртеа во јавноста во врска со овој случај, тој рече дека со тоа што „Балкан петролеум“ отворила сметка во Стопанска банка Битола, можеби некои работи ќе бидат појасни.

На новинарско прашање дали се сомнева дека можеби во игра бил и поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, бидејќи набргу потоа тој отвори безнински пумпи, Јосифовски рече дека Мијалков си влегол во бизнисот легално, бидејќи законот дозволувал лиценца за трговија со нафта и со нафтени деривати секому, „освен на тој што нема да ја побара“.

Првиот човек на „Макпетрол“ имаше забелешка и за работата на Регулаторна комисија за енергетика, за која, како што вели, иако се вели дека е независна, сепак нејзините членови ги избира Собранието и „во неа членуваат партиски послушници“.

Во однос на тврдењето дека Регулаторна комисија за енергетика го принудува „Макпетрол“ да складира државни резерви на нафта, Јосифовски рече дека РКЕ двапати незаконски ја продолжувала лиценцата за таа работа, иако „Макпетрол“ тоа не го побарал од неа. Бидејќи, како што објасни, првиот пат кога побарале продолжување на лиценцата, биле одбиени, иако ја доставиле истата документација, со која лиценцата ја добиле и пред 10 години.

Јосифовски рече дека ниту една влада не може да го заврши процесот на гасификација без учество на АД „Гама“, која го изградила гасоводниот систем и занаетот го научила од руски компании.

– Претходната Влада ја формираше компанијата Македонски енергетски ресурси, каде што има вработено неколку луѓе. Се знаеше зошто ја формираа, таму се украдоа 50 милиони долари. Во АД „Гама“, Макпетрол и државата се акционери и доколку оваа компанија беше во игра за гасификација, нашите директори ќе вршеа контрола на јавните набавки – додаде Јосифовски.

Како заклучок додаде дека во нафтениот бизнис се прави голем криминал и дека тој потекнува од врвот на власта.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...