fbpx

Јавна дебата: Власта за бенефитите, екологистите за штетите од гасоводот на Водно

-

Веројатно не е најдобрата можна траса за изведување на гасоводот, но сепак сметаме дека кога ќе се земат предвид сите околности, сите мерки кои се преземаат за да бидат минимизирани штетите по шумскиот фонд на Водно, како и огромната материјална штета која би била предизвикана од промената на трасата, таа е далеку подобар избор од сите алтернативни траси на гасоводот кон Тетово и Гостивар.

Ова беше дел од заклучокот кој го изнесе директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, на денешната јавна дебата за гасоводот преку Водно што ја организираше скопскиот градоначалник Петре Шилегов и на која, освен Реџепи од името на Владата присуствуваа и министрите за транспорт и врски и за економија, Ѓорѓи Сугарески и Крешник Бектеши и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, како една од засегнатите страни во случајот, како и претставниците на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, кои протестираат против изградбата на трасата на гасоводот низ парк-шумата Водно, како втора засегната страна.

Владините претставници изнесоа бројни аргументи за тоа дека штетата од изведбата на гасоводот преку сртот на Водно е далеку помала од бенефитите кои ќе ги донесе гасификацијата на полошкиот регион, за кој е наменет гасоводот од овој дел од гасоводната мрежа.

Реџепи истакна дека е прифатено и реализирано барањето на екологистите за корекција на трасата со цел да се намали делот кој оди низ шумски појас и дека е предвидено десеткратно надоместување на исечената шума, која, според зборовите на Реџепи, ќе опфати само 0,07 проценти од сегашната дрвна маса на парк-шумата Водно, но и дека, во случај да дојде до промена на сегашната траса би се нанела штета од 9,7 милиони евра и пролонгирање на изградбата на гасоводот за најмалку 5 години.

Реџепи најави и дека со ЕБРД се веќе договорени условите под кои ќе се финансира гасоводната дистрибутивна мрежа, која сега недостасува за да се користи гасот како енергенс во земјава, што беше и еден од главните контра-аргументи на екологистите откако власта ги критикуваше дека со блокадата на изградбата на гасоводот преку Водно ја попречуваат гасификацијата во Тетово и Гостивар.

Јани Макрадули обелодени дека Водно всушност во моментов воопшто не е заштитено подрачје.

– За жал со промена на Законот за заштита на природата некој што имал обврска да направи ревалоризација за заштитата на Водно тоа не го направил па Министерството за екологија не ја прогласил парк шумата Водно за заштитено подрачје – рече Макрадули, истакнувајќи дека допрва треба да се донесе Законот за заштита на Водно и потоа ќе се донесе одлука кој ќе управува со тоа заштитено подрачје и ќе се дефинираат правила за постапување на тоа заштитено подрачје.

Претставниците на „Го сакам Водно“ повеќепати истакнаа дека се апсолутно за гасификација на земјата, но дека сметаат дека имаат силни аргументи трасата на гасоводот да не оди преку Водно. Според нив, има премногу неправилности во изборот на трасата како и во реализацијата на проектот и затоа граѓаните не треба да остамат рамнодушни пред уништувањето на Водно чиешто зеленило го пречистува воздухот на Скопје и на скопјани.

– Ние бараме ревизија на проектот и предлагаме трасата да оди од Арачиново до Жеден, да се направи од северната страна на Скопје. Или од Скопска Црна Гора да се спушти по земјоделско земјиште или патишта каде заштитеното подрачје е потесно, помало. Нам ни фалат девет метри квадратни повеќе зеленило по жител во Скопје. Според пописот од 2002 година кога Скопје броел 550.000 жители Водно задоволувало 46 отсто од потребите. Сега бројот на жители расте а Водно се намалува – рече Андреја Јанков од „Го сакам Водно“.

Татјана Стојановска од истата иницијатива праша зошто власта дозволува после толку време Водно да нема заштитен статус и зошто сега дозволува изградба на објекти кои утре, откако ќе биде заштитено, нема да биде дозволено да се градат.

– Штетата врз Водно ќе беше далеку поголема доколку не го креневме гласот против и не го донесовме вицепремиерот Анѓушев на лице место. Кој гарантира дека отсега ќе се запазуваат сите стандарди кога на терен видовме дека тие не се почитуваат – прашаа од „Спас за Водно“.

На дебатата присуствуваа и претставници на тетовски еколошки друштва, чиишто изнесени аргументи беа во полза на изградбата на гасоводната траса преку Водно.

– Штетата која сега ја трпи полошкиот регион од загадувањето со еколошки штетни енергенси, како и од дивата сеча на шумите на Шар планина и на Сува гора за огревно дрво, повеќекратно ја надминува штетата која ќе им биде нанесена на шумите на Водно – рече Хисен Џемаили од тетовското еколошко здружение „Скардус“.

Скопскиот градоначалник Шилегов најави продолжение на дијалогот со граѓанските здруженија во рамките на Министерството за животна средина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Урбани велосипедисти утре ќе вртат кругови околу „Ист Гејт Мол“

За прв пат во Скопје, Амбасадата на Холандија и „Гоу Грин“, организираат Портокалова велосипедска тура, па посетителите што ќе дојдат, со велосипеди ќе вртат кругови околу трговскиот центар „Ист...