fbpx

„Јас сум Кежаровски“: Новинарите се солидаризираа со својот колега

-

Со транспаренти „Јас сум Кежаровски“, напишани на француски, како аналогија на манифестирањето солидарност по масакрот во „Шарли ебдо“, македонските новинари и новинарски задруженија денеска пред Апелацискиот суд го искажаа својот револт од пресудата на судот со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затвор во случајот „Ликвидација“.

Новинарите се солидаризираа со својот колега и најавија понатамошни чекори за одбрана на Кежаровски, кој, како што беше истакнато, е невин и неправедно осуден.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работни (ССНМР) и Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски за вторник, во 12 часот, најавија протест пред судот.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, денеска истакна дека со неправичната одлука, Апелацискиот суд наместо да дели правда, решил да направи политички калкулации.

– Наместо при одлучување за предметот да води сметка за правата на еден невин новинар, кој не направи ништо лошо, туку откри злоупотреба во работата на јавните институции, судот одлучи да го спаси образот на оние што направија погрешна проценка пред две години. Одлуката има цел да покаже дека судот се смилува со Кежаровски со тоа што му ја намалува казната. Такви калкулации ние не прифаќаме затоа што и еден ден затвор за невин новинар е голема казна, која предизвикува огромна штета врз слободата на говорот и врз слободата на медиумите. Апелација сака да нè убеди дека државата никогаш не греши и со тоа сака да нè обесхрабри како новинари да ја вршиме основната функција во едно демократско општество, критички да ја опсервираме работата на јавните институции – изјави Селмани.

Тој истакна дека ако во слулајот намерата на власта била да ги застраши новинарите, не ја постигнала целта.

– Ние не се исплашивме и како никогаш порано сме сплотени и солидарни со нашиот колега Кежаровски. За нас слободата на Кежаровски е безусловна, таа е и наша слобода – рече претседателот на ЗНМ.

Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари, во идентичен контекст истакна дека Кежаровски е осуден затоа што на јавноста сакал да ѝ укаже за злоупотребата што била направена од позиција на моќ со фалсификување изјава на лажен заштитен сведок.

– Оваа пресуда е убивање на македонското новинарство и ние нема да се согласиме со некакви калкулации дека, наводно, казната не е голема. Кежаровоски е осуден невин. Македонското новинарство е осудено – рече Чаусидис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...