Јанушев: Партиското СЈО и клиентелистичкиот суд незаконски го замрзнуваат имотот на ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:56 (META) 

Заев одлучи да го направи и последниот чекор и да го впрегне неговиот последен адут, партиското специјално јавно обвинителство и клиентелистички расположениот суд и да го замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ, обвини на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, откако денеска по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имотот на најголемата опозициска партија.

– За прв пат во историјата на Република Македонија, но и за прв пат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција. Ова е демократијата и демократските принципи за кои што се залагаат Заев и СДСМ! Принципи со кои што однародената власт се обидува да го умртви секое поинакво размислување и да забрани секакво политичко делување кое се разликува и кое не се согласува со антидржавните политики на Заев и СДСМ. Барањето на СЈО и Одлуката на судиите Димишкова и Реџепагиќ се целосно неосновани и без никаква правна аргументација. Барањето на СЈО и одлуката на судиите се исклучиво, и исклучиво политички мотивирани. Повредени се и протоколите и праксата на Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за заштита на човекови права – рече Јанушев.

Тој нагласи дека замрзнувањето на имотот се направило иако партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничена во постапката. Тој потсети и дека на вакво барање Апелацискиот суд Скопје веќе еднаш решавал и го отфрлил барањето за замрзнување на партискиот имот.