Јанушев: ЕЛЕМ го мести тендерот за РЕК Битола за фирма блиска до врвот на СДСМ


       
Скопје, 13 април, 2018 - 14:04 (META) 

Постои сомнеж дека државниот производител на струја АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ, обвини денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

– Согласно тендерската документација – економскиот оператор во последните 3 години треба да има ископано 900.000 тони јаглен, а таква фирма во Република Македонија според информациите со кои што располагаме има само една, тоа е фирмата која важи за блиска до врвот на СДСМ – „Пелистер“ ДОО Битола. Ако тоа е така, другите компании кои се занимаваат со оваа дејност од старт се елиминирани, а со тоа однапред се знае кој ќе го добие тендерот.  Сомнежот е дека oваа тендерска постапка е однапред договорена работа – рече генералниот секретар на најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ бара тендерската постапка да биде поништена и да биде распишан нов оглас, со еднакви услови за учество. Јанушев обвини дека власта сакајќи да овозможи простор за нелегални активности смислено го укинала Советот за јавни набавки.

– На површина излегоа причините поради кои беше укинат Советот за јавни набавки, кој беше гарант за законитоста и чувар на јавниот интерес при постапките за јавни набавки. Советот за јавни набавки беше трн во очите на власта, пречка за сите коруптивни шеми, и затоа беше укинат. Цената на неговото укинување сега ја плаќаат граѓаните, од чии пари се полнат сметките на фирми блиски до оваа криминална власт – рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека вчера партијата обелоденила дека фирмата „Пелистер“ со склучен договор во четири очи во изминатиот период вршеше ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола „по цени двојно поголеми од првично предвидените, со што државата плати 1 милион евра повеќе“.