Јанкулоска не дојде во суд поради ризична бременост – „Титаник“ одложен за 3 јули


       
Скопје, 31 мај, 2018 - 11:31 (META) 

Поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска заради влошена здравствена состојба односно ризичната бременост, рочиштето за предметот на СЈО „Титаник“ денеска се одложи за 3 јули.

Како што информираше адвокатката на Гордана Јанкулоска, Сања Алексиќ, поранешната министерка за внатрешни работи била спречена да дојде на рочиштето поради состојбата во која се наоѓа, при што достави лекарска потврда.

Јавната обвинителка Лиле Стефановска истакна дека во лекарската потврда не е наведена болеста за што е издадено тоа боледување и нагласи дека не е оправдано отсуството.

Судијата Осман Шабани поради неисполнување на условите за одржување на рочиштето ја прекина расправата, што денеска требаше да почне со изнесување на доказите.

Во предметот обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ и Едмонд Темелко.