!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Јанева: Откривме и вративме 66.909 избришани разговори


       
Скопје, 15 март, 2017 - 17:17 (META) 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска го објави третиот шестмесечен извештај за работата на СЈО за периодот од 15 септември 2016 до 15 март 2017 година.

Во извештајот на Јанева се наведува дека и во овој период имало опструкции на работата на СЈО и проблеми во соработката со правосудните и со другите институции.

Специјалната јавна обвинителка очекува и дека напредокот постигнат во еден дел од отворените истражни постапка наскоро ќе резултира со поднесување обвиненија.

Според структурата на кривичните дела опфатени во извештајот, најголем дел од нив се за злоупотреба на службената положба и овластување со кои бил оштетен буџетот на Република Македонија.

Во врска со финансиското работење на СЈО, во извештајот се наведува дека од одобрениот буџет за 2016 година, Специјалното јавно обвинителство, заклучно со 31 декември 2016 година, потрошило 48,70 отсто од партите, додека од буџетот за 2017 година, кој изнесува 228.005.000 денари (3,7 милиони евра), од 1 јануари до 15 март СЈО потрошило 28.636.159 (465.629 евра) или 12,56 отсто од буџетот.

Јанева во извештајот наведува дека во овој период СЈО добило специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија со чија помош биле откриени уште 66.909 избришани аудиоснимки.

– Со тоа вкупната бројка на аудиофајлови се искачи на 606.555. На овие фајлови, како и на претходните 540.646 е извршен електронски попис, кој се наоѓа на вкупно 15.906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудиофајлови изнесува 13.200 часа – се вели во извештајот на Јанева.

Интересно е што во извештајот е наведено и дека при доставување на предметот „Пуч“ од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до СЈО, покрај другите списи и докази е доставен и хард диск за кој било утврдено дека потекнува од канцеларијата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), која ја користел осудениот Звонко Костовски.

Хард дискот, како што се посочува во извештајот, не бил предложен во листата на докази во случајот, а по анализата СЈО утвдило дека на него биле генерирани фајлови од комуникација меѓу два телефонски броеви, чија цел бил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која била прислушувана без судски налози.

– Од страна на ова јавно обвинителство извршен е електронски попис на овие материјали, кој е сочинет на 27.189 страници во електронска форма. При тоа, детектирани се 31.495 аудиофајлови со времетраење од 671 час и 72.513 СМС-пораки кои биле цел на апликацијата која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви – стои во извештајот.

Извештајот на Јанева, како што соопштуваат од СЈО, денеска бил доставен и до Советот на јавни обвинители и до Собранието на Република Македонија.

Целиот извештај можете да го погледнете на следниот линк.