fbpx

Јаловиштата се безбедни, нема да ни се случи несреќа како во Бразил, велат надлежните

-

Трагедијата во бразилската сојузна држава Минас Жераис во петокот, кога поради пробиена брана на хидројаловиште на рудник за железо загинаа 58 лица а над 300 се уште се водат како исчезнати, но без голема надеж дека ќе бидат пронајдени и спасени, ја зголеми загриженоста и во Македонија. Во земјава има  хидројаловишта, а идните рудни концесии предвидуваат и нови.

Во моментов во државата има три рудника кои имаат хидројаловишта и тие се три пати во годината контролирани од страна на Државниот инспекторат за техничка инспекција, вели Ештреф Имери, главен инспектор за надзор над експлоатација на минерални суровини и геолошки истражувања, додавајќи дека се работи за рудници кои се одамна отворени, но дека нивните хидројаловиштата се во потполна контрола.

Тој за „Мета“ изјави дека се води сметка за нивото на водата на браните, која не смее да ја надмине височината од еден метар под висина на браната, но сите брани имаат и дренажа, каде што би се испуштал вишокот вода во случај на зголемување на водостојот.

Во соопштение до јавноста, партијата ДОМ денеска апелираше до сите институции и до целата јавност во Македонија, да не се дозволи вакви несреќи да се случат и во Македонија, каде што има рудници со отворен коп.

„Нека биде бразилската катастрофа поука за сите ,љубители’на рудници со отворен коп“, се вели во соопштението објавено од ДОМ, бидејќи „ниедно злато, сребро, ни бакар, не се вредни за ова!“

ДОМ потсетува дека руднички брани со јаловина се добиваат во рудници со отворен коп, каде во отворени базени се врши лужење или флотација на металични минерални суровини со различни опасни супстанци, за да може да се извлече металот.

„Во бразилскиот случај тоа е железо, а може да биде злато, сребро или бакар, како што планираат разни инвеститори на рудници во Македонија“ порачуваат од ДОМ.

Својата загриженост ја искажаа и еколошките здруженија од струмичкиот крај кои се борат против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица“ во струмичката котлина.

„Во катастрофа на потенцијалниот рудинк Иловица-Штука мртви би биле над 90 отсто од граѓаните во селата Иловица, Штука, Радово, Секирник и Турново. Останатите села во радиус од 8 км би биле ефективно неповратно уништени. Струмичката котлина и градот Струмица би биле контаминирани стотици години и економски уништени. Би ја чинело државата милијарди евра за чистење, санирање, обештетување и меѓународни тужби од Бугарија и Грција“, стои во статусот на Ѓорѓи Танушев, еден од еко-активистите од Струмица, кој е споделуван преку социјалните мрежи.

Во случај на рударска несреќа, Министерството за економија, Државниот инспекторат за техничка инспекција и сите други надлежни институции ќе постапат согласно законските регулативи и стандарди во рударството, се вели во одговорот до „Мета“ од Министерството за економија, во чија надлежност е издавањето концесии и дозволи за отворање на рудници.

Од таму потсетуваат дека, според Законот за минерални суровини „за инсталациите за управување со отпад од минерални суровини од категорија А, концесионерот односно операторот на инсталацијата за управување со отпад, изготвува програма за спречување  на значителни опасности и тој има обврска пред почетокот на работењето со инсталацијата за управување со отпад да изработи програмата за спречување на значителни опасности и да воспостави систем за безбедно управување, како и внатрешен план за итни случаи“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...