fbpx

Извозот во текстилната индустрија се зголемува, а бројот на работници се намалува

-

Состојбата во текстилната индустрија се подобрува и извозот се враќа на ниво како пред економската криза во 2008 година, што се должи на зголемена побарувачка на традиционалните партнери и пораст на економијата во Западна Европа.

Идните перспективи зависат од економската состојба на Западна Европа и од случувањата во нашата држава. Во текстилната индустрија преовладува лон-работењето, чијшто извоз изнесува 93 отсто од вкупниот текстилен извоз. На класичното производство и на извоз им отпаѓа 7 отсто.

– Долги години постои потребата од пренамена на лон во класично производство, кое, пак, е сè помало низ годините. Во оваа насока, текстилните фирми бараат да бидат ослободени од плаќање данок на додадена вредност при извоз на готови текстилни производи, бидејќи не е воопшто стимулирачки – изјави претседателот на Здружението на текстилна индустрија и конфекција, Ангел Димитров.

Според него, конфекциите имаат и нелојална конкуренција во компаниите во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) кои имаат даночни олеснувања и ослободувања од плаќања на придонеси за работниците. Бројот на вработени во текстилната индустрија бележи постојан пад, па така во 2007 година изнесувал 43.848, а во 2014 година – 37.841.

– Препораката е овие компании да вработуваат невработени лица или ако веќе ги преземаат обучени од македонските компании, да плаќаат придонеси за нив. Платите ќе се зголемуваат бидејќи младите не сакаат да работат за 200 евра, завршуваат какво-такво високо образование за кое бараат државна администрација или сакаат да работат во странство. Просечната нето-плата е 14.100 денари, а за да ги задржиме работниците, ќе продолжи трендот на пораст на платите. И компаниите во ТИРЗ покажаа дека за оваа дејност платите не можат да бидат повисоки – додаде Димитров.

Според него, странски инвеститори гледаат да остварат профит, а не да ја развијат економијата на Македонија. Затоа, како што вели, „не е ни чудно што и покрај тоа што влегуваат странски компании, податоците на Народна банка покажуваат 150 милиони евра инвестиции“.

– Целата дивиденда се изнесува надвор, така што можеби следните години ќе имаме негативни вредности на инвестициите и покрај влезот на странски компании – додава Димитров.

На прашање на „Мета“ во однос на тоа што ќе се направи за подбрување на положбата на текстилните работници, со оглед на неплатената прекувремената работа и тоа што отсуството за работа се наплаќа повеќе од дневницата што работниците ја земаат, Димитров одговори дека ваквите појави се сè поретки.

– Во Македонија има огромен расчекор во однос на законите и како тие функционаат во практика. Правата на работниците се заштитени со голем број закони, така што проблемите во практика се сè помали. Казните за работодавците се поголеми, а исто така и работниците може да избираат каде сакаат да работат – одговори Димитров.

Лани, во однос на 2014 година, кај производство на ткаенини имаме зголемување од 14,8 проценти, а производството на облека е зголемено за 6,7 отсто.

Извозот на текстилната индустрија изнесува 596,4 милиони долари и учествува со 13,3 отсто од вкупниот извоз на Македонија.

Германија, Грција, Италија, Холандија се најголеми партнери во оставрување на извозот на облека.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...