Извозот во првите четири месеци со пораст од 31,5 проценти


       
Скопје, 4 јуни, 2018 - 15:11 (META) 

Извозот на стоки од Македонија во првите четири месеци од годинава бележи пораст од 31,5 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Извозот во првите четири месеци од годинава изнесувал 2.176.646.000 долари, а увозот 2.954.810.000 долари и бележи пораст од 28,8 проценти. Трговскиот дефицит изнесува 778.163.000 американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2018, изнесува 73,7 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-април 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија