Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во првите осум месеци од годинава, изнесува 3.112.569.000 долари и бележи пораст од 6,4 проценти во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.392.752.000 долари, што е за 6,2 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит изнесува 1.280.183.000 долари, во периодот јануари-август.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Бугарија.