fbpx

Изградбата на гасоводот од Штип до Неготино ќе заврши кон крајот на јануари

-

Изградбата на гасоводната мрежа од Штип до Неготино е во завршна фаза, комплетно ќе заврши кон крајот на јануари или кон средината на февруари и веднаш потоа ќе се пушти во употреба, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој заедно со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи извршија увид во финализирањето на градежните работи на оваа гасоводната делница.

– И во делот на краците кои што одат до Битола и до Гостивар во 2019 година очекуваме сериозна динамика. Гасификацијата е стратешки приоритет на Владата, а тоа се потврдува, бидејќи во буџетот за 2019 се предвидени 1 милијарда и 557 милиони денари. Согласно потпишаните договори кои ги имаме со изведувачите, дел од нив ќе завршат кон крајот на 2019 година, дел и во 2020 година – рече Сугарески.

Тој додаде дека надминати се речиси сите проблеми и со финализирање на процесот на експропријација на земјишта. Дополнително, Сугарески информираше дека на претпоследната седница на Влада, Министерството за економија се задолжи да формира работна група која ќе одлучува за најефикасниот модел за развој на системи за дистрибуција на природниот гас во Македонија.

–  Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да може паралелно да ги градат општинските дистрибутивни мрежи, за што побрзо гасот да го донесеме до домовите и компаниите.Уште еднаш сакам да упатам апел до општините, најбрзо да работат на проектите, на документација, да одвојуваат средства од буџетот за да бидат приклучени сите градови околу кои се работи – додаде Сугарески.

Директорот на МЕР, Реџепи информираше дека должината на делницата во завршна фаза од Штип до Неготино е 36 километри, а инвестицијата е вредна 15, 8 милиони евра.Главната мерна регулациона станица Неготино е предвидена да биде со максимален капацитет за опслужување на природен гас од 7.000 метри кубни на час.

– Овој е последниот градежен зафат во лот 1, од делницата од Штип до Неготино во вкупна должина од 36 километри. Нискиот дел е комплетно завршен, направен е успешен хидротест и очекувам до крајот на следниот месец или првата половина на февруари да има употребна дозвола, да биде во можност да се наполни со гас и да опслужува кон дистрибутивните оператори – рече Реџепи.

Тој додаде дека и во другите два лота има интензивни градежни активности, и во втората половина од оваа година имало задоволително ниво на реализација на проектите.

– Паралелно се работи и на поврзување на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци, Прилеп па се до Битола, во должина од 92 километри. На овој потег веќе има околу 40 проценти реализација на градежните работи. Со инвестиција од 29 милиони евра, интензивно се работи и на делницата од Тетово до Гостивар, со околу 35 проценти реализација на градежните работи – рече Реџепи.

Реџепи очекува дека во првиот квартал во 2020 година делницата од Неготино кон Битола ќе биде завршена. Додека за делницата од Скопје до Гостивар се очекува да биде завршена до крајот на наредната година или може да има продолжување од три месеци, поради како што рече, големиот број измени кои во тек на градба се појавиле и се покажале неминовни да се направат.

Тој додаде дека оваа гасоводна делница е многу битна затоа што ќе биде јазол не само за приклучување кон лот 2 туку и за приклучување кон интерконекцискиот вод со Грција.

– Со задоволство информирам дека е направена физибилити студијата заедно со грчкиот оператор и аплицирано е за грант за градба. При крај се преговорите со значителни европски финансиски институции за финансирање на оваа делница и очекувам дека брзо ќе имаме конкретен договор за финансирање. Оваа интерконекција ни е најважна, бидејќи не само што ќе добиеме конкурентен и стабилен систем за снабдување, туку ќе имаме и диверзификација на сите наши извори за снабдување со природен гас – додаде Реџепи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Реакции по одлуката Саудиска Арабија да го предводи форумот за правата на жените на ОН

Саудиска Арабија е избрана да биде претседавач со комисијата на Обединетите Нации што ја промовира родовата еднаквост, а одлуката е критикувана од групи за човекови права поради исклучително лошото...