This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Oct 16 10:10:36 2018 / +0000 GMT

Издавачот на стрипови „Бонели“ најавува ТВ-серии, почнувајќи со Дилан Дог




Водечкиот италијанскиот издавач на стрипови „Серџо Бонели едиторе“ најавил развој на продукција на ТВ-серии со некои од своите најпознати брендови, почнувајќи со популарниот истражувач на натприродни појави, Дилан Дог.

Според „Варајети“, „Бонели“ основа компанија-ќерка посветена на филмска продукција наречена „Бонели ентертејнмент“ преку која планира адаптации на некои од своите стрипови, како Марти Мистерија, Натан Невер, Дампир и Драгонеро, при што би имале и контрола врз крајниот производ. Сериите наводно ќе бидат достапни на светско ниво преку сервиси за стриминг преку интернет.

Во 2011 година една американската независна продукција направи филм за Дилан Дог кој доживеа неуспех на киноблагајните, заработувајќи само 4,6 милиони долари на светско ниво. Филмот беше оценет како катастрофален и неинспиративен и од филмските критичари и од љубителите на стрипот, кои сметаа дека не ги пренесува основните карактеристики кои стрипот го направија омилен во десетици земји.

Дилан Дог е дело на италијанскиот стрип-сценарист Тицијано Склави, кој „Бонели“ почна да го објавува од 1986 година во Италија, a набрзо потоа и во бивша Југославија во издание на новосадски „Дневник“. По распадот на СФРЈ се појавија посебни изданија во Хрватска, Србија и Македонија.

„Дилан Дог“ е присутен на македонскиот пазар во издание на „М-комикс“ од април 2014 година. Тоа не е прво издание на популарниот стрип на македонски јазик, но се покажа како најдолговечно со релативно стабилен ритам на излегување на новите броеви (24 до сега).

Post date: 2018-08-10 13:39:37
Post date GMT: 2018-08-10 11:39:37
Post modified date: 2018-08-10 13:39:37
Post modified date GMT: 2018-08-10 11:39:37

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com