fbpx

Изборот на генерален секретар на ОН е неизвесен до крај

-

Засега сосема е неизвесно кој ќе го замени генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, ако се има предвид дека големите дипломатски игри допрва треба да почнат. Резултатите од првиот круг гласање може различно да се толкуваат.

Петнаесетте членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, за секој од кандидатите треба да се изјаснат со „го охрабруваме“, „не го охрабруваме“ или „немаме мислење“. По првиот круг, кандидатот на Португалија, Антонио Гутереш, изби на првото место со освоени 12 „го охрабруваме“ и три „немаме мислење“. Сепак, светските аналитичари велат дека португалскиот дипломат има „двоен хендикеп“, односно не е жена, што е една од тенденциите за нов генерален секретар на ОН, и не е од Источна Европа, регион кој, според ротациите, би требало да раководи со Организацијата.

Имајќи предвид дека петте постојани членки на СБ на ОН, Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД, имаат право на вето на кандидат кој не им се допаѓа, тоа значи дека и кандидатот кој изгледа најсилно, може подоцна да отпадне од игра. Исто така, исходот од трката ќе зависи и од тоа дали Русија, која е клучна сила во Источна Европа, ќе инсистира идниот прв човек на ОН да биде од овој регион.

Годинава 50 земји членки на ОН се заложија да ја промовираат идејата новиот генерален секретар на организацијата да биде жена. Шест од 12 кандидати се жени, но само една од нив успеа да влезе меѓу петте најдобри. Кандидатката на Бугарија, Ирина Бокова, која во моментов е прв човек на УНЕСКО, се најде на третото место, кое го дели со кандидатот од Македонија, Срѓан Керим, и на Србија, Вук Јеремиќ. Две жени кои сè уште имаат шанси во трката се поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, и актуелната министерка за надворешни работи на Аргентина, Сузана Малкора, кои се најдоа на шестото и на седмото место.

Сепак, се проценува дека половата еднаквост ќе падне во сенка на политичките борби.

Бокова важи за личност која е блиска до Русија, имајќи ги предвид нејзиното образование и политичко дејствување на почетоците на кариерата. Кларк ја има поддршката на Велика Британија во ОН, но не успеа да добие поддршка од Франција и од САД. Администрацијата на Барак Обама застана зад Малкора, која беше дел од тимот на Бан Ки-мун.

Иако Бокова во првиот круг убедливо води зад другите две противкандидатки, сепак се проценува дека САД ќе одлучат да го искористат своето право на вето доколку таа премногу се приближи до победата. Голема е веројатноста Русија и Кина да ги исфрлат од игра Кларк и Малкора. Москва и Пекинг би можеле да го отфрлат и Гутареш, кој иако важи за хуманитарец, ефективен политичар, сепак е поранешен лидер на НАТО, па Русија и Кина не го сметаат за неутрален избор.

Имајќи го ова предвид, ваква политичка игра на големите сили отвора пат за другите кандидати меѓу петтемина најдобри, односно за Данило Тирк, Срџан Керим и за Вук Јеремиќ. Од тројцата дипломати, странските аналитичари оценуваат дека засега второрангираниот Тирк веројатно има најголеми шанси, имајќи превид дека важи за совесен технократ, неутрален и сигурен избор за главните играчи во Советот за безбедност.

Од 12 кандидати, колку што беа во игра, денеска останаа 11, откако поранешната шефица на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, вчера се повчеле од трката со образложение дека нема реални шанси да победи и оти по првото гласање станало јасно дека првиот човек на ОН веројатно ќе биде некој кој работел или сè уште работи во организацијата. Покрај Гутереш, Бокова, Кларк, Малкора, Тирк, Керим и Јеремиќ, во трката за нов генерален секретар на ОН остануваат Кристина Фигерес (Коста Рика), Наталија Герман (Молдавија), Мирослав Лајчак (Словачка), Игор Лукшиќ (Црна Гора).

Засега ниту една постојана членка на Советот за безбедност јавно не застанува зад некој од кандидатите, бидејќи тоа би можело да биде убиство на шансите за победа.

Новиот генерален секретар на ОН би требало да биде избран до ноември годинава, но мала е веројатноста дека тоа ќе се случи дотогаш, имајќи ја предвид затегнатоста на односите меѓу Вашингтон и Москва околу начинот на решавањето на конфликтот во Сирија, како и поради наводите дека Русија ја хакирала американската Демократска партија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...