fbpx

Иванов повика на „компромиси наместо реваншизам“

-

Во 50-минутниот говор во Собранието на кој присуствуваат пратениците и од власта и од најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев, првите луѓе на државните институции, поглавари на верските организации и странски дипломати, претседателот Ѓорге Иванов, повика на прекин на, како што рече, политичкиот реваншизам и посебно го истакна говорот на омраза и неговото учество во политичката криза.

Македонскиот претседател истовремено побара итна реформа на УБК, како генератор на кризата, а ги поздрави и договорот за добрососедство со Бугарија и напорите на македонската влада за решавање на спорот за името и притоа побара безусловна заштита на македонскиот идентитет, уставното име на државата. Во однос на законот за јазиците, побара пратениците да изготват нова верзија после опсежна јавна дебата со многу експерти, бидејќи, како што рече, сегашниот сериозно ја нарушува унитарноста на Република Макеоднија и не донесува напредок во заштитата на правата на националностите.

– Кризата стана нова реалност, во време кое го нарекуваме интеррегнум. Нашите дебати се сведоа на фаќање сеир за несреќата на другиот. Македонскиот јавен простор стана затруен со говор на омраза. Имаме политички реваншизам изразен во полициско судски постапки, а политичките убедувања на луѓето ја отежнуваат нивната положба. Нашите партии се доживуваат како смртни непријатели. Тоа поведе до поделеност – рече Иванов.

Претседателот побара и итни мерки за проблемите со загадениот воздух, откако претходно алармираше за најниски стапки на раст во македонската историја во изминатата година и значително намалени странски инвестиции.

– Со загриженост ја следам и еколошката криза, нашите градови се гушат поради загадениот воздух, институциите и Град Скопје треба да преземат мерки. Моите сограѓани од југоистокот бараат стопирање на рудниците Казандол и Бакардол, загрижени се за животната средина и своето здравје. Економскиот развој да биде во согласност со еколошки развој. Контролнните механизами на државата да спроведат итни мерки за заштита на животната средина и луѓето – побара Иванов.

Тој говореше и за лажните вести, на кои, како што рече, и самиот бил жртва, кога бил обвинет дека сака да прогласи воена состојба и побара одговорност да сносат нивните креатори. Обвини дека одредени институции и одговорни лица монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Иванов алармираше дека во изминатите три години, повеќе од 30 отсто од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени и со тоа се загрозени животи и е уништена агентурна мрежа за собирање на податоци.

Македонскиот претседател побара „беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал“ и реформи во судството. Според него, треба реформите да се спроведуваат преку консултирање со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци.

Иванов истовремено порача оти очекува Европската Унија да ја потврди својата политика на отворени врати и Република Македонија на следниот самит да добие безусловена препорака и отпочнување на преговорите за полноправно членство.

– Со овој чекор Унија де јуре ќе ја препознае рамноправната и партнерската позиција на нашата држава кон градење на обединета, слободна и мирна Европа – порача Иванов.

На говорот на Иванов од собраниската сала имаше гласни реакции и негодувања кога зборуваше за законот за јазиците, т.н. Тиранска платформа, причините за политичката криза, за Косово и за „Диво насеље и за протестите на „За заедничка Македонија“.

На крајот говорот на Иванов беше поздравен со ракоплескање.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ангеловска-Бежоска: Земјите од Западен Балкан годишно губат 18 отсто од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на...