fbpx

Иванов од Будимпешта распали по невладините организации во Македонија

-

Мора да се зајакне контролата и транспарентноста во финансирањето на работата на невладните организации, мора да се отфрлат сите сомнежи и да се направена дистинкција помеѓу невладините организации кои навистина работат во интерес на народот и тие што само се кријат зад името НВО.

Ова го изјави претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во дел од интервју за унгарскиот весник „Маџар хирлап“ (Magyar Hírlap), одговарајќи на прашањето за напорите што Македонија и Унгарија ги вложуваат за намалување на политичките активности на невладините организации поддржани од Џорџ Сорос.

– Не треба да се дозволи злоупотреба на граѓанскиот сектор. Како професор по право, многу години поминав во цивилниот сектор, во фондации, институции, невладини организации, со иницијатива да помогнам општеството да се направи позрело. За жал, со неколку исклучоци, овој сектор сега е доминиран од партиски интереси, а интересите на граѓаните се најдолу меѓу приоритетите на овие организации – вели Иванов.

Македонскиот претседател вели дека „покрај политичка, на НВО им се дава и етничка боја бидејќи некои од странските фондации настојуваат да ги поддржат на етничка основа“.

– Ги осудувам сите обиди за политизирање на граѓанскиот сектор и обидот да се направат пристрасни. Неприфатливо е странски пари да се влеваат во НВО за развивање на политички цели, иницирање на активности, кои вклучуваат директно странско мешање во внатрешните работи на една суверена држава – нагласи Иванов.

Според него, граѓанскиот сектор треба да придонесе за прогрес и за позитивни промени кои ќе им бидат од корист на државата.

– Наместо тоа, ние имаме работа со организации кои на различни начини и без самокритичност дејствуваат деструктивно и спротивно на националните и на граѓанските интереси – заклучува Иванов.

Во интервјуто тој зборува и за актуелните политички случувања во земјата и вели дека партиите треба да го бараат решението преку одговорно однесување, а во согласност со Уставот на Република Македонија. Според Иванов, можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период.

Иванов во интервјуто истакнува дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, наместо во рок од 10 дена, го известил по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка на сите партии на етничките Албанци. Тој уште еднаш повторува дека нема да го додели мандатот доколку не се отфрли албанската платформа со која, како што вели, се загрозува унитарноста, суверенитет и независноста на Македонија.

Претседателот истакнува дека дел од барањата на партиите од албанскиот политички блок се во судир со Уставот, додека другите барања зависат од статистиката на терен, за која е неопходно да се направи попис. Тој посочува дека главната причина за продлабочување на кризата е тиранската платформа и притоа истакна дека по нејзиното објавување следела радикална реторика и изјави од високи државни функционери на Албанија и на Косово, поради што неколкупати ја повикал меѓународната заедница да ја осуди платформата.

Инаку, Иванов денеска престојува во работна посета на Унгарија, каде ќе има средби со државниот врв на земјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...