fbpx

Иванов – Николиќ: Во регионот има премногу историја, но не треба да живееме во минатото

-

Македонија и Србија од воспоставувањето на дипломатските односи успеаја да изградат искрени и пријателски односи и заеднички интерес на двете земји е да продолжат да ја унапредуваат соработката, изјави македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, по средбата со својот домаќин, претседателот на Србија, Томислав Николиќ.

Иванов рече дека „во регионот има премногу историја и многу историски настани и личности кои треба да бидат одбележани“, но дека не треба да се живее во минатото.

– Треба заемно да се почитуваме и да учиме од историјата, но не и да живееме во минатото… Не можеме да ја менуваме историјата, но можеме да влијаеме на иднината – изјави Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека меѓу Србија и Македонија нема отворени прашања, но дека двете земји имаат различни видувања за некои прашања, што „не треба да биде пречка за соработка во другите области“.

Тој наведе дека заеднички интерес на Македонија и на Србија е да ја унапредуваат соработката во сите области и дека на средбата со претседателот на Србија особен акцент ставил на зајакнување на економската соработка и на вложувањето во инфраструктурните проекти, како што би бил проектот за поврзување на реките Морава и Вардар со Егејското Море.

Српскиот претседател по разговорот оцени дека политичките односи меѓу Србија и Македонија се многу добри и дека двете земји „во периодот преполн со различни предизвици покажале дека преку соработка и разговор можат да се спречат и надминат сите тешкотии“.

Николиќ изјави дека „нема стабилна Србија без стабилна Македонија“ и дека „Србија секогаш ќе биде потпора за својот јужен сосед и пријател“.

Српскиот претседател го замоли својот колега од Македонија принципиелно да ја поддржи Србија и да гласа против приемот на Косово во УНЕСКО.

Тој рече дека е уверен оти претстојните парламетарни избори во Македонија ќе бидат одржани во согласност со меѓународните стандарди и дека новата македонска влада ќе направи сè за зачувување на стабилноста во регионот и за понатамошно унапредување на добрите односи со Србија.

Македонскиот претседател е во посета на Србија по повод одбележувањето на 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина. Николиќ, кој заедно со Иванов ќе присуствува на централната свеченост в недела во Панчево, рече дека македонското малцинство во Србија и српското малцинство во Македонија „се вистинскиот и најважен мост за соработка“.

Иванов во Белград ќе се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ, а денеска попладне со Николиќ ќе го отворат македонско-српскиот бизнис-форум.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...