Иванов: Нема да потпишам ваков штетен договор, нема да ме поколебаат закани и уцени


       
Скопје, 13 јуни, 2018 - 19:27 (META) 

Договорот помеѓу Македонија и Грција не го обединува општеството туку дополнително го поларизира. Ќе се залагам за решение кое нема да го нарушува достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, рече претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќање до јавноста во кое соопшти дека нема намера да го потпише договорот кој Скопје и Атина го постигнаа.

-На Заев и Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор и нивна одговорност. Овој штетен договор претставува напуштање на досегашните суштествени позиции, неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, т.е. ерга омнес. Ова е штетен договор, единствен во историјата на човештвото и за мене е недостоинствен и неприфатлив. Нема да легализирам политички дивоградби. Текстот на договорот е поразителен за Македонија. Се предвидува промена на преамбулата и сите членови на Уставот каде што се споменува Република Македонија. Тврдам дека тоа што го направи Грција со Македонците во Грција преку овој договор настојува да го направи со Македонците во Македонија. ЕУ И НАТО не смеат да бидат алиби за штетен договор – изјави Иванов.

Тој додаде дека целиот преговарачки процес се водел несериозно, неодговорно и нетранспарентно за што, како што рече сведочел и крајниот резултат и го повика мкедонскиот народ да не се плаши.

– На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор – порача Иванов.