Иванов: Мора да има одговорност за 27 април, но и да се почитуваат човековите права


       
Скопје, 28 ноември, 2017 - 19:42 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов во вечерашното обраќање порача дека мора да има одговорност за насилните настани од 27 април годинава, но дека при тоа мора да се почитуваат човековите права и презумцијата на невиност.

Иванов повтори дека како и претходно, и сега ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“, која, како што рече, е „сочинета од граѓани кои се сплотиле зад идејата за заштита на државата“.

Тој истакна дека овие граѓани не може да бидат третирани како терористи.

Претседателот рече дека секојдневно добива информации за политички и партиски реваншизам и оти е загрижен поради ваквата појава, која води кон создавање тензии и нестабилност.

Тој повика дека во следниот период, кога треба да се исполнат неопходните реформи, потребен е национален консензус и дијалог за исполнување на реформите.

– Со реваншизам се поларизира состојбата во општеството. Ги повикувам надлежните институции да ги почитуваат Уставот и правниот поредокот на Македонија – рече Иванов.

Тој истакна дека граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми и оти сите политички субјекти треба да служат во интерес на сите граѓаните.

Иванов рече дека „нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонски судир“, истакнувајќи дека низ историјата, секогаш во такви моменти ни било нанесувано зло.

Обраќањето на Иванов доаѓа откако МВР, по налог на Основното јавно обвинителство, денеска приведе 36 лица за насилствата во Собранието од 27 април годинава, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.