This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Aug 18 11:56:37 2018 / +0000 GMT

Иванов ја предложил Анита Ангеловска - Бежоска за нов гувернер на Народна банка




Откако Димитар Богов ја повлече кандидатурата за гувернер, претседателот Ѓорге Иванов ја предложил вицегувернерката Анита Ангеловска - Бежоска за нов гувернер на Народната банка и предлогот го доставил до Собранието, потврдија од кабинетот на Иванов за МИА.

Претседателот Иванов смета дека актуелната вицегувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика.

Ангеловска-Бежоска осум години е на функцијата вицегувернер во Народната банка задолженa за областите монетарна политика, истражување и статистика. Таа беше реизбрана за вицегувернер на Народната Банка, на предлог на Богов, на 20 септември 2017 година во Собранието.

„Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на Меѓународниот монетарен фонд за склучување аранжмани меѓу Меѓународниот монетарен фонд и земји-членки. Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов за МИА.

Post date: 2018-05-16 14:44:19
Post date GMT: 2018-05-16 12:44:19
Post modified date: 2018-05-16 14:44:19
Post modified date GMT: 2018-05-16 12:44:19

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com