Иванов до Столтенберг: Заслужуваме членство во НАТО без дополнителни услови


       
Скопје, 6 септември, 2018 - 10:58 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг разговарале за актуелната политичка состојба во Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, информираат од кабинетот на претседателот.

Иванов истакнал дека Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион.

„Претседателот Иванов потенцираше дека Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО,  додавајќи дека уште во 2008 година Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии, го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови“, се вели во соопштението.

Столтенберг изјавил дека вистинското место на Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата.

„Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор“, му порачал претседателот Иванов на Столтенберг.

Иванов истакнал дека сите негови обврски како Врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.

„Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена. Имајки ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите“, се додава во соопштението.