Ивана Петровска, АЛДА: Со блокирани сметки тешко до парите од европските фондови


       
Скопје, 21 септември, 2018 - 11:20 (META) 

Македонија неодамна врати околу 70 милиони евра европски пари наменети за изградба на нов клинички центар, а во изминативе години локалната и централната власт покажаа делумен капацитет за искористување на средствата од европските фондови. Со оглед на тоа што во зависност од исходот на референдумот на 30 септември, нашата земја следната година би можела да ги почне пристапните преговори со ЕУ се наметнуваат прашањата колкав е капацитетот на институциите во Македонија за подготовка на проекти кои би се финансирале од европските фондови, кои се слабостите на државните органи и општините и како да се надминат проблемите кои се пречка за што поголема искористеност на европските пари.

Одговор на овие прашања побаравме од  Ивана Петровска, директорка на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА).

Неодамна вашата организација направи истражување „Користењето на ЕУ фондовите од страна на општините во Македонија. Каков е капацитетот на општините за аплицирање и искористување на овие средства?

– Интересот кај општините во Македонија за европските фондови е голем. Истражувањето покажа дека дури 96% од општините аплицирале за европски средства а 80% веќе спроведувале проекти финансирани од ЕУ. Тоа се доста високи бројки и укажуваат на подготвеноста на општините да учествуваат во европски проекти. Се разбира, нивната подготвеност зависи пред сè од големината на општината и нејзините административни капацитети. Поголемите општини имаат обучен кадар, некои располагаат со одделенија за ЕУ проеки и со тоа имаат повеќе можности за користење на ЕУ средства. Меѓутоа, учеството во европски проекти зависи исто така од политичката волја и визијата за развој на општината. Постојат позитивни примери на мали и рурални општини, како на пример Општина Новаци, кои имаат мал број на вработени, но сепак спроведуваат голем број европски проекти благодарение на соработка со граѓанскиот сектор, јавни институции или консултантски куќи. Важно е општината да инвестира во развој на човечките ресурси да спроведуваат европски проекти, не само во своите редовите на администрацијата туку и во самата заедница.

Колку европски средства имаат досега искористено македонските општини и од кои  фондови/програми?

Ако сакаме поедноставно да ги објасниме европските фондови, можеме да ги поделиме во две категории: претпристапни фондови односно „познатата“ ИПА и т.н. Програми на Унијата. Дел од средствата кои се доделуваат во рамките на ИПА се програмирани за користење за Македонија, а македонските чинители треба да покажат капацитети за нивно искористување. Сепак, „конкуренцијата“ за искористување на средствата е локална, во Македонија. За разлика од ИПА, за Програмите на Унијата најчесто се аплицира директно во Брисел и тогаш македонските општини треба да се „натпреваруваат“ со други локални власти од цела Европа. Такви програми се на пример Европа за граѓаните, Хоризонт 2020, Косме, Еразмус плус итн.
Општините во Македонија најчесто аплицираат и спроведуваат проекти во рамките на ИПА – прекугранична соработка. Во периодот 2007-2013 година за Република Македонија биле доделени над 31 милиони евра од програмите за прекугранична соработка со Грција, Бугарија, Албанија и Косово. Од нив, македонските партнери искористиле 25 милиони евра. Најголем број од партнерите се општини, пред граѓанските организации и јавните претпријатија. Исто така, една од поважните грантови доделени за општините беше ИПА грантот за рурална инфраструктура. Во проектот учествуваа 78 општини на кои им беа доделени над 20 милиони евра преку Светска банка.

Од друга страна, интересот за програмите на Унијата од страна на општините е помал и искористеноста на овие програми може да биде многу поголема. Најсоодветна програма за општините е Европа за граѓаните. Во периодот 2011-2013 година 16 општини од Македонија се корисници на проекти. Во програмскиот приод 2014-2020 Општина Центар е првата општина од Македонија која се јавува како носител на проект од оваа програми во соработка со АЛДА. Тука е важно општните да развиваат партнерства со европски локални власти бидејќи одобрените проекти мораат да бидат во европски размери.

Со оглед на тоа што голем број од општините работат со блокирани сметки, дали тоа претставува пречка за користење на ЕУ фондовите?

Финансискиот капацитет на општината е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските општини. Голем дел од нив имаат блокирани сметки, а тоа е сериозна пречка за аплицирање и спроведување на проекти. Исто така, голем предизвик е кофинансирањето и предвременото плаќање. За некои програми општините треба да кофинансираат дел од средствата а тие немаат финансиски можности или немаат предвидено средства во буџетот. Дури и во програмите каде кофинансирањето е обезбедено од централниот буџет, на пример во прекуграничната соработка, општината треба да ги инвестира парите, а потоа да и бидат вратени средствата. Затоа, пристапот кон европските програми не треба да биде кампањски штом излезе повик за финансирање а ЕУ проектите да се гледаат како средства „кои треба да се искористат“. Праксата во другите европски земји е дека програмирањето на буџетот на локално ниво директно ги интегрира ЕУ средствата. Всушност, самото програмирање на локалните јавни политики е пресек на европските и локалните приоритети.

Македонските граѓани на 30 септември на референдум ќе се изјаснат околу прифаќање на договорот со Грција и зачленување во ЕУ и НАТО. Дали со евентуален почеток на преговори со ЕУ, локалната и централната власт во Македонија би имале пристап до други фондови на ЕУ?

Достапноста до европски програми и фондови зависи од подготвеноста на централната и локалната власт за нивно искористување. Најголемиот дел од буџетот на ЕУ се доделува за структурни фондови, а ИПА е всушност подготовка за земјите кандидати за понатамошно искористување на структурни фондови. Само преку успешно менаџирање на ИПА фондовите може да ја докажеме нашата апсорпциона моќ за понатамошно раководење со структурни фондови. Предизвик ќе бидат Програмите на Унијата каде што македонските чинители мораат да покажат иновативност, сериозна посветеност, административен капацитет и подготвеност за градење партнерства.

Општините можат да ги зголемат нивните шанси за европски средства доколку лобираат да бидат дел од процесите на програмирање на европските фондови во Македонија и во Брисел. Општините треба да најдат начин да бидат поприсутни и видливи на европско ниво. Речиси сите локални власти од ЕУ имаат свои канцеларии во Брисел каде што не само што се информираат туку и влијаат во донесувањето на одлуки кои ги засегаат. Најважен дел од европските проекти е градењето на партнерства. Општините треба да најдат начин да создаваат и одржуваат партнерства со други општини од ЕУ. Од голема важност е да членуваат во организации и мрежи на локални власти од Европа. АЛДА има неколку такви успешни приказни со општини од Македонија кои преку нејзината мрежа најпрвин биле партнери, а сега веќе носители и координатори на големи ЕУ проекти.