This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Mar 24 23:59:14 2017 / +0000 GMT

Итрите газди на шивачките во Штип месечно им плаќаат 100 евра на сметка, 50 на рака




Текстилните работнички од штипските конфекции дел од плата добиле на рака. Покрај регуларната плата од 6.000 до 7.000 денари, што им стигнува на сметка, дел од конфекциите во Штип на работниците им исплаќале од 1.500 до 3.000 денари во плик, на рака.

Ова го тврдат од Здружението „Гласно“, чии членови денеска објавија документ што до нив го доставила текстилна работничка. Горан Трајков од „Гласно“ вели дека работодавците со ова го прекршуваат законот и директно го оштетуваат државниот буџет, избегнувајќи да плаќаат данок.

- Работодавците со ова директно го кршат законот и работничките права. Платата е 7.000 денари, некаде 6.000 денари, а 3.000 или 2.500 денари се даваат на рака. Тука, во конкретниот случај со работничката со која разговаравме, се 1.800 денари. На прашањето зошто пари на рака, ѝ било одговорено: „Така земаат сите и ти така ќе земеш“ - изјави Трајков.

Иако исплатата на минималната плата од 10.080 денари е законски задолжителна, сопствениците на конфекциите, според Трајков, го користат недоречениот дел од законот за минимална плата, во делот за нормиран учинок. Практично, тоа значи дека сопствениците ја зголемуваат нормата, која станува нереална за остварување и тоа е оправдување за пониските плати, бидејќи работниците изработуваат многу помалку од предвидените 100 отсто.

- Синдикатот, Текстилниот кластер и Сојузот на работодавци имаат потпишано да се дозволи нормиран учинок. Нормираниот учинок не е разјаснет до крај, а тоа работодавците го злоупотребуваат. Секојдневно им ја менуваат нормата на работниците. Оттука, недостига класификација на работните места по операции и затоа работниците во текстилната индустрија не можат да достигнат 100 отсто успешност - објаснува Трајков од „Гласно“.

За ваквиот начин на исплата, Трајков ги повика на дебата Текстилниот кластер и Сојузот на работодавци. „Гласно“ упати апел до институциите да го проверат работењето на конфекциите во делот на исплата на плата, а заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права, најави реакција до инспекциите. Како што рекоа од здружението, ова е практика во Штип, но не е исклучено да се случува и во другите градови.
Post date: 2017-03-20 15:59:01
Post date GMT: 2017-03-20 14:59:01
Post modified date: 2017-03-20 15:59:01
Post modified date GMT: 2017-03-20 14:59:01
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com