„Исцелител“ повторно во Кина


       
Шангај, 18 јуни, 2018 - 14:36 (META) 

Филмот „Исцелител“ на младиот Ѓорче Ставрески ќе се прикажува на 21-то издание на Филмскиот фестивал во Шангај, Кина.

Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А категорија, покрај прикажувањата на „Црни Ноќи“ во Талин, Естонија и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија.

На фестивалот во Шангај, филмот ќе се прикаже во ревијалната програма Спектрум, која е дел од Интернационалната филмска панорама на фестивалот.

Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски.

Фестивалот во Шангај е основан 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ.

„Исцелител“ ќе има три прикажувања на фестивалот – денеска, на 22 и на 24 јуни.

Изминатите денови „Исцелител“ ја доби наградата за филм од М.А.Н – Македонски алтернативни награди. Ова е трета домашна награда за филмот, кој досега освои и 9 меѓународни награди, од кои 5 за најдобар филм и учествуваше на вкупно 24 светски фестивали.

Во Македонија „Исцелител“ досега се прикажа во кината во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Кичево, Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Богданци, Гевгелија и Гостивар, каде го гледаа приближно 14.000 гледачи. Филмот имаше и проекција под отворено небо во Градскиот парк во Скопје, на која имаше околу 8.000 гледачи.

Од денеска до задутре филмот ќе се прикажува во Центарот за култура во Неготино.