fbpx

Истрагата за случајот на Крпач по три месеци од „интензивна“ премина во „активна“

-

Скопското обвинителство по речиси три месеци сè уште „активно постапува“, односно води предистражна постапка за случајот на Коста Крпач, кој на 27 април беше пронајден мртов во својот стан во Капиштец со прострелна рана во градите.

Обвинителството на 2 јуни соопшти дека досегашната истрага покажала дека Крпач се самоубил, но дека постапката по предметот продолжува и понатаму за да се утврдат причините и околностите под кои настапила смртта.

На прашањата на „Мета“ дали е завршена предистражната постапка, до кога е рокот за нејзино завршување и дали има нови моменти, што ги испративме денеска, од Обвинителството велат дека ги добиле поголемиот дел од вештачењата и податоците, но дека чекаат „на уште мал дел од нив“.

„Ве известуваме дека во предметот надлежното Основно јавно обвинителство Скопје активно постапува. Најголем дел од побараните извештаи од вештачења и податоци се пристигнати, но се чека само уште мал дел од нив. Потоа ќе следува севкупна анализа, по која ќе биде донесена јавно-обвинителска одлука за понатамошното постапување“, стои во одговорот на Обвинителството на нашите прашања.

На 17 мај, дваесетина дена откако Крпач беше пронајден мртов во неговиот дом, од Обвинителството за „Мета“ рекоа дека интензивно работат на предметот и дека се пристигнати поголем дел од побараните вештачења.

Коста Крпач беше едно од 56-те лица што се најдоа на списокот на помилувани од претседателот Ѓорге Иванов на 12 април годинава.

Телото на Крпач беше најдено на 27 април, неколку часа откако тој пукал од својот балкон кон комби паркирано на околу 50 метри од неговата зграда.

Како што соопшти Специјалното јавно обвинителство, еден ден по настанот, тој бил сведок во една од предистражните постапки што ги водело СЈО, но не и осомничен. Обвинителката и портпаролка на СЈО, Ленче Ристоска, на прес- конференција на 3 јуни, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека поседуваат изјава од Коста Крпач во која тој ги известува за заканите што ги добивал.

СЈО исто така побара од претседателот Ѓорге Иванов да каже од каде му се податоците од нивните тајни истраги и за лицата што се најдоа на списокот на помилувани, меѓу кои беше и Коста Крпач.

„Од кабинетот на претседателот Ѓ. Иванов сè уште немаме повратен одговор“, ни одговорија денеска од кабинетот на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...