Ископот во Вардар за гасоводот, ќе биде вратен во првобитната состојба


       
Скопје, 28 септември, 2018 - 16:08 (META) 

Штом ќе завршат градежните активности, местото во Вардар каде што се врши ископот за поставување на гасоводните цевки ќе биде вратено во првобитната состојба, велат од Општина Карпош за „Мета“.

Жителите на Карпош 4 и Влае се жалат дека во тој дел на градот Вардар е ископан, а градилиштето е несоодветно обезбедено, односно опасно за движење.

– Претставници од Одделението за комунална инфраструктура при Општина Карпош излегоа на терен, со цел да се информираат за активностите во однос на изведбата на гасоводот и нивното времетраење иако станува збор за проект кој се спроведува на централно ниво – велат од Општина Карпош за „Мета“.

Раководителот на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје, Мирослав Богдановски потврди дека ископот на Вардар се врши за поставување на гасоводна инфраструктура од страна на претпријатието „ГА-МА“.

– Од она што е наша надлежност како Град Скопје утврдивме дека „ГА-МА“ ги поседува сите одобренија за градба, како и водостопанска согласност – изјави Богдановски за „Мета“.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека местото е несоодветно обезбедено и заградено, Богдановски вели дека на терен треба да излезе градежна инспекција на Општина Карпош и да утврди дали е тоа така.